• четврток, 30 јануари 2025

Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола слави 80 години настава на современ македонски јазик

Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола слави 80 години настава на современ македонски јазик

Битола, 29 јануари 2025 (МИА) - Средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз-Тито“ со повеќе свечености ќе го одбележи 6 февруари, денот кога пред 80 години во гимназијата почна да се изведува настава на современ македонски јазик.

На прес-конференција во Битола директорката на гимназијата Лидија Споа ја претстави неколкудневната празнична програма која ќе почне да се реализира на 3 февруари со изложба на слики инспирирани од делата на македонската преродбеничка литература, а ќе заврши со свечена академија „Експериментум Македоникум“ што ќе се одржи на денот на празникот.

-Јубилејот 80 години настава на современ македонски јазик ќе го славиме во нашето училиште затоа што токму тука на 6 февруари 1945 година во гимназијата прв пат одекна македонски збор во образованиот процес, чин кој што значи повеќе од настава. Првиот директор на тогашната гимназија Орде Печијаре, воедно и наставник по физика, го означил свечениот чин и почетокот на наставата на современ македонски јазик. Патот не бил лесен, ниту краток затоа што во тоа време македонскиот јазик тлеел во темнината за на 6 февруари конечно да ја добие заслужената светлина, истакна Споа.

Според програмата, празничните денови ќе бидат прославени со награден литературен конкурс и изложба во галеријата „Ранко Струмениковски“, изложба портрети и цртежи на Андреа Ресановиќ, историски осврт на автори и уметници кои предавале или биле ученици во гимназијата, промоција на уметничко-документарен филм и свечена академија на која се очекува присуство на претставници на државниот врв. мт/мд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан