• вторник, 24 декември 2024

Гимназијалка од Тетово со молив црта портрети на славни личности па се дружи со нив на социјалните мрежи

Гимназијалка од Тетово со молив црта портрети на славни личности па се дружи со нив на социјалните мрежи

Тетово, 18 април 2021 (МИА) - Осумнаесетгодишната Михаела Блажеска од Тетово гледајќи едукативна видеа на интернет самата научила да црта, па сега веќе има голема колекција на портрети на славни личности од шоу бизнисот кои ги направила со скицирање со молив. Вели дека откако открила дека има одреден талент за цртање почнала дополнително да се едуцира.

- Со цртање започнав на возраст околу шест или седум години. Тогаш цртав ликови од цртани филмови, а на 11 првпат започнав со портрети. Самата учев да цртам преку, туторијали од интернет, немам одено на часови или слично за да стекнам вакво знаење. Најубаво ми е кога учам од сопствените грешки и испробувам нови начини. Инаку учам математичка насока во тетовската гимназија, вели Михаела.

Некои од познатите личности кои ги скицирала ги видиле портретите и почнале да ја следат нејзината работа на социјалните мрежи. Има повеќе од  1000 следбеници на Инстаграм профилот @blazmih кои континуирано ја следат нејзината креативност.

-Најчесто цртам балкански познати личности, пеачи, актери, инфлуенсери и слично. Мислам дека првиот кој го забележа своето присуство на мојот профил беше хрватскиот јутјубер Филип Дејановиќ.  Можам да се сетам на моментот кога ја сподели фотографијата на своето стори.  Исто така и познатиот Рафаел Гомез британски јутјубер со неколку милиони следбеници го сподели моето дело и го коментираше.  Секој пат кога некој ќе го направи истото или ќе остави коментар под сликата се чувствувам многу исполнето и задоволно што воедно ми дава инспирација и желба да нацртам нешто друго, истакна младата артистка.

Освен цртањето портрети со молив на хартија запознаена и со техниките на дигитално цртање.

-Во цртањето општо уживам без оглед на тоа метод или техника ја користам, но кога би морала да изберам би рекла дека омилено ми е со молив. Дигиталната уметност е убава и кога прв пат се запознав со неа многу ми се допадна, но кога цртам со молив ми е потребно повеќе време и можеби поради тоа толку ми се допаѓа. Почнав да сликам и со акрил на платно како најнов правец во кој експериментирам, но сеуште сум на почетокот, сподели Михаела.

Се обидува да црта и други работи освен портрети.

-Ме фасцинираат луѓето, нивните емоции и експресии. Уметноста за мене е еден вид на бегство од реалноста, на пример кога сум тажна може да ме расположи или кога сум нервозна да ме смири. Ми се допаѓа како прави да се чувствувам, секој пат кога го земам моливот во рака или кога на крајот сум задоволна јас, а и другите околу мене од нацртаното, објаснува Михаела.

Гимназијалката Михаела планира да се запише на факултет за уметност каде ќе изучува графички или внатрешен дизајн, односно ентериер. ас/ки/

Остани поврзан