Гидеон Сар: Верувам дека САД ќе го казнат МКС за издавањето налози за апсење на Нетанјаху и Галант
- -Наклонет сум да верувам дека во Вашингтон многу брзо ќе биде усвоено законодавство против МКС и оние кои соработуваат со него, рече Сар на заедничката прес-конференција со чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски.
Прага, 28 ноември 2024 (МИА) – Шефот на израелската дипломатија, Гидеон Сар, изјави денеска во Прага дека верува оти САД ќе го казнат Меѓународниот кривичен суд (МКС) за издавањето налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант.
Британските медиуми пренесуваат дека Израел веќе најави дека ќе поднесе жалба на одлуката на Меѓународниот кривичен суд да поднесе обвиненија против Нетанјаху и Галант за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Газа.
За време на посетата на Чешката Република, Сар рече дека другите земји, вклучително и САД, се запрепастени од одлуката.
-Наклонет сум да верувам дека во Вашингтон многу брзо ќе биде усвоено законодавство против МКС и оние кои соработуваат со него, рече Сар на заедничката прес-конференција со чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски.
Тој додаде дека Израел ќе стави крај на 14-месечната војна во Газа кога „ќе ги постигне своите цели“ - враќање на заложниците кои ги држеше Хамас и да се погрижи исламистичката група повеќе да не ја контролира палестинската енклава.
Сар додаде дека Израел нема намера да го контролира цивилниот живот во Газа, додавајќи дека мирот е „неизбежен“, но не може да се заснова на „илузии“.сд/
фото:МИА архива