• четврток, 01 август 2024

„Гига Фест 2024“, филмска проекција на музички документарен филм од Јане Алтипармаков

„Гига Фест 2024“, филмска проекција на музички документарен филм од Јане Алтипармаков

Крива Паланка, 1 август 2024 (МИА) - На третата фестивалска вечер од мултимедијалниот фестивал „Гига Фест 2024“ пред кривопаланчани, присутни пред платото на Градскиот музеј Крива Паланка, беше проектиран долгометражниот музички документарен филм „The Hip-Brainstorm“ во режија на Јане Алтипармаков.

Станува збор за долгометражен музичко-документарен филм , автор на оригиналната идеја на „The Hip – Brainstorm“ е Љубиша Петрушевски, продуцент и монтажер Михаил Димитров, звучниот дизајн е на Валентин Видовиќ. 

Директор на фотографија е Наташа Гелева, снимател е Ања Илиева. Клементина Ристовска, модераторот на вечерта, на крајот од проекцијата ги воведе во интеракција присутните преку дискусија со режисерот и продуцент на филмот и приреди уште една несекојдневна вечер на Манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата" и "Кривопаланечко културно лето".

Јане Алтипармаков е филмски работник, музички критичар, арт-теоретичар. Потписник е на стотина текстови од областа на филмот, независната музичка сцена и културата, објавени во бројни домашни магазини, дневни весници и портали.

Како режисер и продуцент се потпишува на повеќе документарни филмови, кратки форми и видеозаписи. Добитник е на наградата за особен придонес и развој на македонската алтернативна сцена (The Hip-Reality Overdrive), и на специјалната награда за музички филм (The Hip-Brainstorm). Работи и како фото-документарист, а ова беше прво запознавање на кривопаланечката публика со неговото творештво.

„Гига Фест“ продолжува со уште неколку активности во овој месец, а на програмата на „Крива Паланка -Град на културата“ вечерва следува музичка вечер на летната сцена во градскиот парк со концерт на „Дејви Бенд“, утре, пред општината - свечена прослава во чест на 2 Август, Илинден, додека наредната недела следуваат промоција на две книги од Благица Велковска и целовечерен концерт на КУЗ „Карпош“. ид/нд/

Фото: Плакат
 

 

Остани поврзан