• понеделник, 23 декември 2024

Германски издавач повлекува од продажба книги за Путин

Германски издавач повлекува од продажба книги за Путин

Берлин, 15 ноември 2023 (МИА) - Германската издавачка куќа „Хофман унд Кампе“ објави дека ќе престане да ги продава книгите на Хуберт Сајпел за рускиот претседател Владимир Путин.

Издавачот ваквата одлука ја донел откако медиумите објавија дека наградуваниот новинар добил најмалку 600.000 евра преку офшор компании поврзани со руски извори.

Британските медиуми пренесуваат дека издавачката куќа соопштила дека веќе нема да продава две од книгите на Сејпел, додавајќи дека претходно не знаела за наводите за тајно финансирање на авторот.

Според германскиот весник „Шпигел“, Сејпел наводно добил пари од санкциониран руски олигарх за Путин во книгите да биде претставен во позитивно светло.

Германскиот државен радиодифузен сервис НДР, што во 2012 година заедно со Сејпел копродуцираше документарен филм за Путин и ги емитуваше неговите интервјуа со рускиот претседател, соопшти дека размислува да го тужи новинарот.

Наводите што ги пренесоа голем број светски медиуми се темелат на информации за доверливи финансиски податоци од Кипар објавени од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.

Сајпел негираше дека некогаш добил пари од трети страни за филмови или телевизиски интервјуа. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан