• понеделник, 23 декември 2024

Германските институции мета на хакерски напади

Германските институции мета на хакерски напади

Берлин, 6 април 2023 (МИА) - Германија веќе трет ден е изложена на големи хакерски напади, а мета се министерствата, полицијата, како и интернет-страниците на покраинските институции.

Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека постојат индиции за проруска заднина на овој хакерски напад кој ги парализираше веб-страниците на голем број германски институции.

Главниот портал на покраината Шлезвиг-Холштајн беше привремено недостапен во средата. Во покраината Бранденбург полицијата снимила хакерски напад на својата веб-страница. Во Сар, дел од официјалните страници на провинциските институции не беа достапни поради хакерски напади.

Во провинцијата Тирингија во средата наутро веб-страниците на Министерството за внатрешни работи и на полицијата беа нападнати од хакери од Германија и од странство. Поради нападот беше оневозможен пристапот до веб-страниците на властите во Берлин.

Во вторникот веќе беа познати хакерските напади на веб-страниците на министерствата или полицијата во покраините Мекленбург-Западна Померанија, Долна Саксонија и Саксонија-Анхалт.

Истиот ден цел на хакерите беше специјална платформа на германското Министерство за развој, која е посветена на темата за реконструкција во Украина.

Масовните хакерски напади од странство врз германските институции уследија една недела откако Германија одлучи да испрати дополнителна воена помош во вредност од 12 милијарди евра за Украина.

- Претпоставуваме дека нападите во различните сојузни покраини биле координирани. Немаше штета, освен што веб-страниците беа привремено недостапни, истакна германската министерка за дигитални медиуми на Саксонија-Анхалт, Лидија Хускенс. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан