Германска традиција за време на карневал: највисокиот снешко досега
- Управителите на еден планински камп во Германија направија џиновски снешко висок 11,5 метри за што им биле потребни приближно 300 кубни метри снег, пренесуваат германските медиуми
Берлин, 20 јануари 2026 (МИА) - Управителите на еден планински камп во Германија направија џиновски снешко висок 11,5 метри за што им биле потребни речиси 300 кубни метри снег, пренесуваат германските медиуми.
Според управителката на кампот во Ханенклее, Лидија Бечер, најверојатно станува збор за најголемиот снешко во Северна Германија создаден досега. Во неговата изработка учествувале 30-ина лица, меѓу кои пожарникари, стручњаци за градежни машини и неколку кампери. Најпрвин била изградена конструкција од столбови висока четири метри по што од штици бил оформен круг во кој бил натрупан снег и потоа набиен со помош на противпожарно црево и големо количество вода. На крајот, била поставена главата на снешкото плус шапка.
Главата и телото на снежниот човек биле заоблени и обликувани со лопати, а очите, носот, устата и копчињата биле изработени од челик. На крајот, овој снежен убавец Ларс Велики, крстен по иницијаторот на оваа изработка, како моден дизајн добил рачно плетен шал.
По седум часа работа, снешкото бил завршен по што следувала прослава, раскажа Бечер. Таа додаде дека идејата за џиновскиот снешко ја добила заедно со сопругот кога слушнале за традицијата за џиновски снежен човек во Бишофсгрин, на планините Фихтел, каде што секоја година за време на карневалот се прави огромен снешко. мв/јт/
Фото: МИА архива