• среда, 25 декември 2024

Германската опозициска партија ЦСУ се обидува да ја поништи реформата на изборниот систем

Германската опозициска партија ЦСУ се обидува да ја поништи реформата на изборниот систем

Берлин, 14 јуни 2023 (МИА) – Конзервативната германска опозициска партија Христијанско-социјална унија (ЦСУ) денеска почна судска постапка со намера да ја поништи реформата на изборниот систем, која предвидува намалување и дефинирање на фиксен број пратеници во Бундестагот.

ЦСУ заедно со сестринската партија на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која дејствува само во Баварија, и опозициската партија Левица го критикуваа новиот изборен закон што пратениците го усвоија во март, а претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер го потпиша законот минатата недела.

Двете партии оценуваат дека новиот закон ќе го загрози нивниот пратенички статус. Тие ја обвинуваат тричлената коалиција на канцеларот Олаф Шолц дека набрзина го менува изборниот систем за да си обезбедат бенефиции за себе.

И левите и десните и централните партии се согласуваат дека Бундестагот, долниот дом на Парламентот има премногу пратеници, но со години тие не можат да се договорат.

Бундестагот моментално има рекордни 736 пратеници, а во иднина би требало да има 630. Следните редовни парламентарни избори во Германија треба да се одржат есента 2025 година.

На германските избори, секој избирач има два гласа, на едното гласачко ливче за конкретен кандидат (мнозински изборен систем), а на другото за партиска листа (пропорционален изборен систем).

Парламентот досега имал најмалку 598 пратеници. Според мнозинскиот принцип, избрани се 299 пратеници од 299 изборни единици, додека најмалку 299 пратеници според пропорционалниот систем.

Бидејќи традиционалните големи германски партии продолжија да доминираат на мнозинските избори, Бундестагот вообичаено имаше многу повеќе членови од минимумот од 598.

За да учествува во распределбата на мандатите, партијата треба да освои најмалку пет проценти од гласовите на изборите со партиска листа или да има најмалку тројца директно избрани пратеници врз основа на мнозинскиот принцип.

Според новиот изборен систем, Бундестагот има фиксен број од 630 пратеници и овој број не може да се зголемува во зависност од изборните резултати. За да влезе во Парламентот, партијата треба да освои најмалку пет проценти од гласовите на изборите со партиска листа, а елиминирана е опцијата за тројца директно избрани пратеници по мнозински принцип. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан