• сабота, 23 ноември 2024

Германската драма „Елаха“ во кината од 10 октомври

Германската драма „Елаха“ во кината од 10 октомври

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) – Германскиот дебитантски филм „Елаха“ на режисерката Милена Абојан ќе има премиера вечерва во киното „Милениум“, со почеток од 20.30 часот и во Кинотеката во Скопје од 18:00 часот. По премиерата во Скопје, филмот ќе биде прикажан во повеќе градови низ републиката.

- „Елаха“ е моќна и емотивна приказна која обработува длабоки и актуелни теми и поставува важни прашања за идентитетот и правото на жени да управуваат со своите тела и живот. Ова е прв долгометражен филм на режисерката, кој веќе доби значајно признание на меѓународните фестивали, вклучувајќи Берлинале 2023, каде што се прикажуваше во секцијата Perspektive deutsches Kino. Покрај тоа што ја претставува Милена Абојан како нов глас во светот на филмот, „Елаха“ добива внимание од меѓународната критика поради својата извонредна уметничка вредност и впечатливиот наратив, велат од дистрибутерската куќа „Катавеј“.

Од „Катавеј“ објаснуваат дека во фокусот на филмот е 22-годишната Елаха, која се соочува со притисокот на традицијата и општествените очекувања во врска со нејзината девственост пред свадбата.

- Во обид да најде решение, се обраќа на пластичен хирург, но високите трошоци ја спречуваат да направи операција. Додека бара поевтина алтернатива, открива капсула со вештачка крв, која ѝ изгледа како решение. Но, она што на почетокот изгледа како спас, на крајот ја води во опасен пат на самопонижување и експлоатација, известуваат од „Катавеј“.

Дистрибутер на филмот е Катавеј од Скопје, а дистрибуцијата е поддржана од German Films. ир/цр/

Фото: Катавеј

Остани поврзан