• вторник, 24 декември 2024

Германија со настани во Хамбург одбележува 33 години од обединувањето

Германија со настани во Хамбург одбележува 33 години од обединувањето

Берлин, 2 октомври 2023 (МИА) - Германија одбележува 33 години од обединувањето на земјата. Главните прослави ќе бидат во Хамбург, а ќе започнат со официјална прослава денеска во пресрет на утрешниот празник, јави ДПА.

Настанот ќе се одржи пред градското собрание и околу езерото Внатрешен Алстер (Биненалстер), а намерата на организаторите е да го претстават пристанишниот град како разновидна, одржлива и напредна метропола.

Сакаме да ги искористиме овие силни атрибути на нашиот град за да отвориме нови хоризонти“, рече градоначалникот Питер Ченчер.

Датумот на обединување, 3 октомври, е национален празник на Германија. Ја одбележува годишнината од присоединувањето на комунистичка Источна Германија кон Сојузна Република Германија, или Западна Германија, со што за првпат од 1945 година на мапата се појави обединета германска држава.

Хамбург беше избран за место на главните прослави оваа година бидејќи градот, кој има статус на посебна сојузна покраина, е ротирачки претседател на Бундесратот, горниот дом на германскиот парламент.

На настаните се очекува да присуствуваат стотици илјади луѓе.

Утре во салата на филхармонијата на Елба во градот, говор пред околу 1.300 луѓе ќе одржат претседателот на германскиот Уставен суд Штефан Харбарт, лидерите на главните политички партии и премиерите на 16-те држави.

Во црквата Свети Михаил ќе се служи богослужба. Двата настани ќе бидат директно пренесувани на националната јавна телевизија.

Главните органи на управување на германската држава - владата, двата дома на парламентот и уставниот суд - ќе организираат јавни настани за да и ја објаснат на јавноста улогата што ја играат. Слични настани ќе организираат и полицијата, итната помош и армијата, кои исто така ќе ги претстават своите активности пред јавноста. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан