• сабота, 21 декември 2024

Германија и сојузниците им се закануваат на талибанците со судот на ОН поради правата на жените

Германија и сојузниците им се закануваат на талибанците со судот на ОН поради правата на жените

Њујорк, 25 септември 2024 (МИА) – Германија, Австралија, Канада и Холандија му се заканија на тврдокорното исламистичко талибанско движење со акција пред Меѓународниот суд на правдата поради кршењето на правата на жените во Авганистан.

Земјите официјално ги потсетија талибанците за нивната обврска да ги поддржуваат правата на жените, како што е наведено во Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), договор од кој е дел и Авганистан, се вели во нацрт-изјавата во која имала увид ДПА.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок планира денеска да се сретне со своите колеги од Австралија и Канада, Пени Вонг и Мелани Џоли, како и со холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Во нацрт-декларацијата, четирите земји ги осудуваат раширените и систематски прекршувања и злоупотреби на човековите права во Авганистан под талибанскиот режим.

- Постојано ги повикавме Авганистан и талибанците, вклучително и во рамките на Обединетите нации, да го почитуваат меѓународното право, особено законот за човекови права, да ги заштитат човековите права на сите Авганистанци и да ги укинат сите ограничувања на правата на жените и девојчињата, вклучително и за нивното право на образование, се наведува во декларацијата.

- Меѓутоа, ситуацијата не е подобрена – напротив таа продолжува да се влошува. Жените и девојките во Авганистан не заслужуваат ништо помалку од целосното уживање на нивните човекови права, се истакнува во текстот.

Земјите предупредуваат дека може да се изврши арбитража и упатување до Меѓународниот суд на правдата доколку не се направи промена.

На 15 август 2021 година, Талибанците ја презедоа власта во Авганистан откако западните трупи се повлекоа од земјата. Оттогаш, тие драстично ги ограничија правата на жените и девојките, вклучително и забраната за жените за сите универзитети.

Според Обединетите нации, Авганистан е, исто така, единствената земја во светот која не дозволува пристап до образование на жени и девојчињата постари од 12 години. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан