Германија има најмногу гласачи на изборите за ЕП, најмалку има Малта
- Германија има најголем број граѓани кои ќе можат да гласаат на изборите за Европскиот парламент, каде што има и најголем број на оние кои за првпат можат да изберат европратеници.
Берлин, 4 јуни 2024 (МИА) - Германија има најголем број граѓани кои ќе можат да гласаат на изборите за Европскиот парламент, каде што има и најголем број на оние кои за првпат можат да изберат европратеници.
Според податоците на националните статистички служби на 27-те земји-членки на ЕУ, објавени денеска од Евростат, Германија има 65,1 милиони граѓани со право на глас.
Зад неа се Франција со 50,7 милиони и Италија со 47,3 милиони.
Најмалку гласачи имаат Малта (0,4 милиони), Луксембург (0,5 милиони) и Кипар (0,7 милиони).
Европскиот парламент се избира на пет години, а од последните избори во 2019 година, 5,1 милион германски граѓани се стекнале со право на глас, најмногу во ЕУ.
За првпат ќе можат да гласаат 4,5 милиони француски граѓани и 2,8 милиони италијански државјани.
Најмалку нови гласачи имаат Малта (26.000), Кипар (59.000) и Естонија (70.000).
Процентуално, Белгија (9,8 отсто), Франција (девет отсто) и Кипар (8,7 отсто) имаат најголем удел на граѓани кои за првпат можат да учествуваат на европските избори.
Вкупно околу 360 милиони граѓани на ЕУ од 6 до 9 јуни ќе можат да гласаат за 720 пратеници на новото свикување на Европскиот парламент. мс/
фото: МИА архива