• сабота, 23 ноември 2024

Германија ги повика своите државјани веднаш да го напуштат Либан

Германија ги повика своите државјани веднаш да го напуштат Либан

Берлин, 29 јули 2024 (МИА) - Германија денеска ги повика своите граѓани веднаш да го напуштат Либан, наведувајќи дека воздушниот сообраќај може да биде во прекин поради стравувањата од израелска воена реакција по смртоносниот ракетен напад на либанската милитантна група Хезболах на Голанската висорамнина.

„Не може да се исклучи натамошна ескалација на ситуацијата и ширење на конфликтот“, се наведува во соопштението на германското Министерство за надворешни работи, кое „итно побара германските граѓани да го напуштат Либан“.

Се додава дека ова особено се однесува на јужните делови на Либан, вклучувајќи ги урбаните области на Бејрут и долината Бека и областа Баалбек-Ермел.

„Понатамошна ескалација, исто така, може да доведе до целосно прекинување на воздушниот сообраќај од аеродромот Рафик Харири (во Бејрут). Тогаш веќе нема да биде можно да се напушти Либан по воздушен пат“, соопшти Министерството во Берлин.

Претходно, Германија им препорача на своите граѓани да не патуваат во Израел и на палестинските територии, каде што од 7 октомври трае војната меѓу израелските сили и палестинската милитантна група Хамас. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан