Герасимовски: Предновогодишен концерт на Нокаут и DJ Александар Јорданов во петок на Боемска
- Општина Центар информира дека во петок, 27 декември организира голем предновогодишен концерт „Вечер под ѕвездите“ со познатите македонски музички ѕвезди, групата „Нокаут“ и диџеј Александар Јорданов.
Скопје, 23 декември 2024 (МИА) - Општина Центар информира дека во петок, 27 декември организира голем предновогодишен концерт „Вечер под ѕвездите“ со познатите македонски музички ѕвезди, групата „Нокаут“ и диџеј Александар Јорданов.
Предновогодишната забава ќе почне во 20:00 часот, на локација „Боемска 1“.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека за загревање на атмосферата ќе биде задолжен легендарниот диџеј Александар Јорданов, по што ќе следат единствените „Нокаут“.
-„Качете се на временската машина на „Нокаут“ и запејте ги „Фатална опсесија“, „Лебедот бел“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“. Ветуваме убава атмосфера под новогодишните светилки на Боемска. Задолжителниот дрес код е добро расположение, насмевка и позитивни вибрации. Поканата важи за сите скопјани, Ве покануваме на добра македонска музика, заеднички да го прославиме крајот на годината, вели Герасимовски.
Во среда, 25 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи и настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанска амбасада, кадешто граѓаните ќе имаат можност да слушаат џез верзија на македонските евергрини од Искра Србиновска квартет, но и да пробаат греано вино и печени костени. сст/дма/
фото Општина Центар