• четврток, 25 јули 2024

Герасимовски: Започна реконструкција на платото пред Зелениот пазар

Герасимовски: Започна реконструкција на платото пред Зелениот пазар

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Општина Центар информира дека продолжува со санација на оштетените плочници кај Градски ѕид. По завршената реконструкција зад Блок 2, во тек е ревитализација на платото пред Зелениот пазар.

Од локалната самоуправа известуваат дека станува збор за замена на оштетените и искршени терацо плочки на околу 500 метри квадратни кои поради дотраеноста довеле до прокиснување во подземните гаражи. Од тие причини, во овој градежен зафат е предвидено вадење на сите слоеви до армирано бетонската плоча и поставување нова хидроизолација, порамнителен слој и нови гранитни плочки.

- Конечно, по долго време, со оваа санација плочникот ќе прерасне во современ простор, со што ќе се подобрат неговата функција и квалитет и ќе претставува одлично место за одмор и рекреација на жителите на Општина Центар, изјави градоначалникот на Центар Горан Герасимовски и истакна дека ова е само уште едно реализирано предизборно ветување.

Вкупната вредност на овој зафат е 5.093.470 денари, а санацијата ќе трае до крајот на април 2023 година.

- Со обновата на плочникот ќе се зголеми и безбедноста на движењето на пешаците околу Зелениот пазар но и ќе се забрани и поставување на дивите пазарџии кои го нарушуваа слободниот простор за пешаци и ги узурпираа јавните површини, посочуваат од општината. ир/цр

 

Фото: Општина Центар

Остани поврзан