• среда, 25 декември 2024

Георгиев за МИА: Изборот на судии во Апелациониот суд Скопје е прв избор спроведен согласно новиот закон за Судски совет

Георгиев за МИА: Изборот на судии во Апелациониот суд Скопје е прв избор спроведен согласно новиот закон за Судски совет

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) – Ова ќе биде прв избор спроведен по процедура врз основа на методологијата, а согласно новиот закон за Судски совет, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во врска со изборот на судии во Апелациониот суд Скопје кој треба да се одржи денеска во Советот.

- Очекувам да се изврши избор на овие осум кандидати, осум судии, четири се за граѓанска област и четири се за кривична област. Има околу 59 кандидати. Од друга страна, морам да истакнам дека ова е рекордер во времетраење на оглас за избор. Од шести месец мислам дека е почната постапката, па еве, дојдовме до таа ранг листа која што е спроведена по новата методологија, појасни Георгиев во интервју за МИА.

Посочи дека процесот бил сложен и сочинет од два дела при што едниот дел го спроведува Судскиот совет по однос на постигнатите резултати како квантитет по број на решени и укинати предмети, а другиот го спроведуваат самите судови.

- Така е направен законот каде што за оценување на одреден судија беше потребно да бидат застапени членови на комисија од сите подрачја. Од четирите подрачја требаше да има член на таа комисија, работна комисија која што врши анализа и оценка на одреден судија, за да се добијат тие бодови. Е сега, како резултат  на таа гломазна и сложена процедура, имавме фаза кога требаше да се следат судењата на судиите, каде што членови на Советот се упатени како комисија за да го следат судењето, и тука се вршат повторно за секој судија поединечно бодувања, дополни тој.

По тоа, имале право на приговори и право на второстепена одлука, и сето тоа, како што рече придонело да биде потрошено време од две години.

- Во секој случај дојдовме до крајот, крајот е каде што еве, има закажана седница и треба да бидат избрани овие кандидати, со тоа што морам да истакнам дека во најголем дел овие судии кои што се апликанти, верувајте дека станува збор за една генерација судии кои имаат стаж од 10 - 20 години и веќе се доволно искусни и квалитетни за да можат да бидат судии на повисоки судови, истакна Георгиев.

Изборот на судии на Апелационен суд Скопје е закажан за денешната 464-та седница на Судскиот совет на РСМ со почеток во 10.

Целото интервју со претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во кое покрај ова, разговараме на повеќе актуелни теми од правосудството ќе можете да го погледнете наскоро. ар/ац/

Фото:МИА

 

Остани поврзан