• понеделник, 23 декември 2024

Георгиевски:Партиите да се договорат по изборите прашањето на техничката влада да отпадне

Георгиевски:Партиите да се договорат по изборите прашањето на техничката влада да отпадне

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - Ако некогаш сме требало да платиме толку мала цена и сме требале да направиме толку мала отстапка, тоа е сега. Значи влезот на Бугарите во Уставот не е никаков проблем, ниту од национален, ниту од државен ниту од каков било аспект, смета поранешниот премиер и претседател на ВМРО-Народна партија Љубчо Георгиевски.

-Нашата евроатлантска интеграција е јасно дефинирана од нашата географска положба. Нашата географија е Европа. Секоја друга екскурзија што сакаме да ја правиме како држава и како народ е непотребна дискусија. Факт е дека ЕУ е неконзистентна кон Македонија, но и кон други. но ние се соочуваме со оваа непринципиелна политика на ЕУ од времето на Бадентер кога само Македонија и Словенија беа посочени дека имаат право да бидат признаени како самостојни. Од тогаш наваму ние имаме  серија на постапки од страна на ЕУ кои можат да се водат како непринципиелни. За жал,  во целата таа постапка понекогаш и ние самите си го комплицираме проблемот со тоа што премногу ги драматизираме работите. Јас постојано велам ако некогаш сме требале да платиме толку мала цена и сме требале да направиме толку мала отстапка, тоа е сега. Значи влезот на Бугарите во Уставот не е никаков проблем, ниту од национален ниту од државен ниту од каков било аспект, рече Георгиевски во гостување на ТВ Телма.

Според него, од ова се прави драма и национална трагедија од типот, за жал, како што рече, не само од политичките партии  туку и од некои интелектуалци на кои треба да им веруваме. Ѓоргиевски при тоа го посочува претседателот на МАНУ, кој често пати дава изјави „ако влезат Бугарите во Уставот тоа е крај на Македонија“, за кои, тој не гледа од каде е мотивацијата за такви тешки зборови.

Тој ги коментираше меѓусебните обвинувања меѓу власта која ја обвинува опозицијата за застојот во евроинтеграциите поради блокадата на уставните измени кои ги посочуваат како единствен услов за отворање на кластерите и од друга страна опозицијата која тврди дека за тоа се виновни криминалот и корупцијата и неспровдувањето на реформите. Рече дека „ниедна влада досега па ни неговата не била идеална“, но дека важна е генералната политика која треба да доведе до влез во ЕУ што ќе овозможи поголема контрола и посветеност на постигнување на стандардите“. 

-Мене ми е жал што ВМРО-ДПМНЕ навистина се доведува во ситуација втор пат за 10 - 12 години, еднаш 2008 година кога директно Буш стоеше зад нас да влеземе во НАТО. Ако влезевме во НАТО после пет години ќе влезевме и во ЕУ и ние денеска 10 години ќе бевме таму. Една изгубена карта води серија на други губитоци и ние дојдовме сега кај што сме. Да, проблем е и корупцијата на актуелната власт и правдата што требаше да ја донесат во правниот систем во Република Македонија, меѓутоа јасна е позицијата на ЕУ, не си ја завршивте задачата, не го променивте Уставот, ќе чекате нова шанса, вели тој.

Прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во техничката влада за него е само празна реторика. 

-Мислам дека треба партиите треба да се договорат, после наредните избори прашањето на техничката влада да отпадне. Тоа беше направено специјално за Владата на Никола Груевски и таа става дамка на македонската демократија. Приказната дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во ова или не е празен муабет, нешто како тие не сакаат а нивните аналитичари ги молат „влезете да ги контролирате изборите“. Тоа е технички, нека биде гаранција дека ќе имаме фер избори и да го оставиме тоа зад нас, кажа Ѓоргиевски.

Тој го изнесе и својот став во однос на изборот на Талат Џафери за технички премиер .

-На времето да се спомне Албанец премиер беше големо табу. Како што минува времето гледаме сите тауба повеќе и побзро паѓаат. Јас морам да кажам, ако не е оваа малку коруптивна криминална димензија на некои албански политичари, дури сметам дека Албанците се денеска можеби еден од посериозните државотворни фактори во македонското општество. Не можам да ги фалам за некои нивни бизнис проекти меѓутоа нивното однесува кон Македонија како држава мислам дека во овој момент е ок и треба да го цениме тоа, оценува Ѓоргиевски.

 Проблемот со Љупчо Палевски Палчо односно, како со неказнивост општеството создава злосторник, Ѓоргиевски го поврзува со длабоката држава чии корени се во поранешна Југославија. Според него една голема структура на соработници во службите се земени од криминалците, финансиски, банкарски па и од улицата. Тоа не е стандардот на ЕУ, но за жал, вели тој, ние не направивме реформи.

-Случајот на Љупчо Палевски покажува дека тоа фунционира. Тој само повеќе се засилува и него го профилираме, можеби има злоупотребено 50 – 100 деца направено наркомани по улиците, а некој од МВР стоел позади него. Сите луѓе се од Агенција на разузнавање и Државна безбедност. Палевски има шест кривични дела кои не се процесуирани (нелегален пиштол, ископ на злато, семејно насилство) Да се направи комисија и да видиме од 1990 година колку бил заштитен. Дивоградбата која ние сме ја рушеле, 1,5 милион евра отштета му била платена. Нека се провери кој е судијата. Да ја видиме неговата кариера, предлага Георгиевски.

Според него, судија или обвинител повеќе се плаши кога ќе му се јави некој од Државна безбедност, отколку од министер, и во овој дел, нагласи, потребни се реформи во државата. вг/лв/

фото:МИА архива 

Остани поврзан