• понеделник, 23 декември 2024

Геологијата и археологијата потврдија, стариот дел на Охрид бил остров, Охридското Езеро пошироко

Геологијата и археологијата потврдија, стариот дел на Охрид бил остров, Охридското Езеро пошироко
Охрид, 25 септември 2022 (МИА) - Стариот дел на Охрид или антички Линхидос бил остров во периодот од доцното бронзено време до доаѓањето на Римјаните. Тоа го покажуваат геолошките и археолошките истражувања направени во рамки на петгодишниот проект „Погранични студии, истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“. Проектот го реализираа Археолошкиот музеј на Македонија и Институтот за класични студии од Карловиот универзитет од Прага, во партнерство со Германскиот археолошки институт, Геолошкиот институт од Прага и Универзитетот од Јужна Бохемија од Чешка, како и Заводот за заштита на културно наледство и музеј од Охрид. Раководителот на проектот Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија во разговор за МИА појаснува дека со геолошките испитувања во рамнината, односно делот каде што се наоѓа денешниот модерен Охрид, откриле езерски седименти, со што докажале дека тој дел бил поплавен. - И тоа не е случајно. Кога подоцна размисливме каде се сконцентрирани најголем дел од археолошките остатоци од доцното бронзено време до доаѓањето на римјаните, заклучивме дека тоа е на просторот од стариот дел на Охрид. Населбите и некрополите од античкиот период се наоѓаат баш на тој простор, бидејќи низината била поплавена, односно била дел од езерото. Согласно тоа, заклучивме дека населбите треба да ги бараме на првиот ред ридови во заднината на рамницата каде ги вршевме и ископувањата на локалитетите, истакна Арџанлиев. Охридско-струшкиот регион имал бурно климатско минато Во рамки на археолошките истражувања, додава Арџанлиев, годинава акцентот бил ставен на три локалитети во околината на Охрид: „Петкина нива“ и „Горица“ кај селото Лескоец и „Градиште“ кај Долно Лакочереј. На локалитетот „Петкина нива“ откриена е римска рурална вила, на „Градиште“ населба со хронологија од доцно бронзено време до хеленистички период и кај „Горица“ има хронологија од неолитот, па се до железното време. Најголем дел од артефактите на сите локалитети се керамички наоди, кои според експертот, се добри за датирање. - Проектот е мултидисциплинарен, имавме екипа археоботаничари, кои со посебна опрема вршат измивање на земјата и ги собираат сите археоботанички остатоци на земјата, семиња и разни други остатоци со чија помош се врши реконструкција на пејзажот, со што се хранеле луѓето, што одгледувале и слично. Со помош на јагленисани органски остатоци вршиме радиокарбонски анализи во референтни лабаратории каде што добиваме точни дати за секој од слоевите каде што откриваме и археолошки артефакти. Така наместо релативна добиваме аполутна хронологија, каде археолошките артефакти се во апсолутни дати, појасни Арџанлиев. Целта, според него, е реконструирање на организацијата на населбите во минатото. - Во рамки на проектот вршиме мултидициплинарни и геолошки итражувања, со чија помош увидовме дека овој крај езерски регион имал бурно, динамично климатско минато. Со реконструкција на тоа бурно минато можеме да ја реконструираме и организацијата на населбите и како луѓето се организирале во минатото да живеат околу езерото и во регионот, посочува соговорникот. Почетоците на металургијата следен предизвик Основните ресурси за исхрана сами ги произведувале, односно луѓето во тој период се занимавале со земјоделство и сточарство, но иден предизвик на археолозите е да истражат од кога почнала металургијата. - Во иднина планираме акцент да ставиме и на истражувања кога почнала металургијата. Планираме тоа да го правиме мултидисциплинарно, со помош на напредни истражувања. Со помош на полен анализи ќе откриеме кога почнало да има загадувања во минатото и врз основа на тоа загадување тогаш специјалистите утврдуваат дека токму во тој период почнала металургијата, топењето на рудата и слично, информира Арџанлиев. Со тоа, нагласува, сакаме да дадеме одговор за појавата на елитата во Охридскиот регион, што покажуваат и откритијата од Архајскиот период (6 век пр.н.е.) во гробовите во Требеништа и на Горна порта. - За да има елита и такво богатство мора да има повеќе ресурси, спомнав земјоделство, сточарство и металургија, но покрај тие ресурси овие луѓе ги контролирале и главните комуникациски и трговски рути. А регионот во тој период претставува своевидна крстосница во овој дел од Балканскиот полуостров, нешто што може да се забележи од поголемиот број некрополи од Архајскиот период, кои се откриени во рамницата северно од Охридското Езеро, во кои се откриени доста богати и значајни наоди. Тоа денеска е Охридско-струшкиот регион, крајбрежје на тогашното поголемо езеро, што геолошки го потврдивме дека постоело, рече Арџанлиев. Катаклизмичен настан причина за повлекувањето на езерото Со една геолошка сонда во близина на реката Грашница, додаде, откриле ново палафитно, наколно живеалиште и со тоа се потврдило дека имало некој катаклизмичен настан, како земјотрес, кој придонел таа населба да престане со егзистенција околу 12 век пред нашата ера, во доцното бронзено време. - Најверојатно со тој катаклизмичен настан дошло до спуштање на тлото во северниот дел на охридската рамнина, а потоа езерото направило поплавување, со што ја променило и формата. Тие се првични резултати, кои дополнително ќе ги надградуваме и публикуваме, информира раководителот на проектот. Почетоци на проектот Проектот „Погранични студии. Истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“, според него, почнал од нула. Првите две години правеле посети на познати локалитети, наведени во археолошка карта, а во разговор со мештаните откривале и нови. Сите овие локалитети ги геореференцирале во просторот со што сега можат да се прават најразлични анализи за соодносот меѓу повеќето локалитети во регионот. - Многу е полесно да видите од една хронолошка рамка како се поставени локалитетите во пејзажот. Почнавме да добиваме слика како треба да го продолжиме проектот и свативме дека охридската рамнина зависи од динамиката на езерото и на реките кои се вливаат во него. Свативме дека во низината е многу тешко да се откријат локалитетите бидејќи има големи речни наноси со висина од по три метри, а исто така и ерозијата од околните ридови е многу силна, вели нашиот соговорник, раководител на проектот. Потоа, во соработка со Геолошкиот институт од Прага направиле низа геолошки истражувања, геолошки сонди, профили, ги испитале извадените седименти и тогаш ја добиле сликата дека Лихнид бил остров и дека останатите населби се организирани и поставени на првиот ред ридови во заднината на поплавената рамница. Последната фаза, работена лани и годинава се состоела од археолошки сондажни истражувања на одредени локации каде што претпоставувале дека ќе дадат најдобри археолошки резултати. На овие локалитети извршени се сондажни археолошки ископувања и резултатите ги потврдиле очекувањата. - Во рамки на сите наши истражувања беа и археоботаничарите од Универзитетот од Јужна Бохемија од Република Чешка, и сите материјали како семиња, полен и други остатоци, ќе одат на анализа во нивната лабараторија од каде очекуваме резултати, кои ќе го поткрепат нашето истражување. Пронајдените артефакти ќе бидат депонирани во Археолошкиот музеј на Македонија, каде ќе продолжат анализите, нивна конзервација, систематизација и доколку некој предмет залужува ќе биде ставен во витрините на Музејот, додаде Арџанлиев. Идните планови се истражувањата да продолжат во Преспанскиот регион Од проектот произлегле нови прашања на кои археолозите треба да одговорат. Идејата е да продолжат истражувањата и во Преспанскиот регион, бидејќи е најмалку истражен. - Истражувам една некропола во Преспа од Хелинистички период, локалитет „Гибавица“ кај селото Избишта. И за Хелинистичкиот период имаме некои првични сознанија. Но како за охридксиот регион што кажав дека е тесно поврзан со водостојот на езерото така сметаме дека истото треба да го очекуваме и во Преспа, бидејќи двете езера се како врзани садови и гледаме дека се во корелација. Планираме да продолжиме со геолошките истражувања и да пробаме на некои локалитети да извршиме сондажни истражувања за да имаме две референтни слики на двете котлини да видиме дали стварно се во корелација и дали имало поврзаност во минатото, додава Арџанлиев. Проектот, нагласи, користи напредна технологија што ја има на располагање арехеолошката наука, која за жал во земјава многу малку е вклучена. Слаѓана Стојкова Костоски

Остани поврзан