• понеделник, 17 март 2025

Генерал Салами за заканата од Трамп: Иран ќе возврати на секој напад

Генерал Салами за заканата од Трамп: Иран ќе возврати на секој напад

Техеран, 16 март 2025 (МИА) - Иран ќе возврати на секој напад, предупреди генералот Хусеин Салами, командант на иранскиот Корпус на гардата на исламската револуција (ИРГЦ), цитиран од француските медиуми.

Изјавата на Салами следи по пораката на американскиот претседател Доналд Трамп во која тој го предупреди Иран да не ги поддржува јеменските Хути.

САД синоќа започнаа напади против Хутите, кои контролираат големи делови од територијата на Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Претседателот Трамп го повика Иран „веднаш“ да ја прекине својата поддршка за Хутите: „Америка ќе ве смета за целосно одговорни“, рече Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.

-Иран не бара војна, но ако некој ни се закани, Иран ќе даде соодветен, решителен и категоричен одговор на секој напад, одговори генералот  Салами.

САД „немаат право да ја диктираат надворешната политика на Иран“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на социјалната мрежа „Х“.

Хутите, поддржани финансиски и воено од Иран, се дел од таканаречената „Оска на отпорот“- неформален сојуз на регионални вооружени групи кои се спротивставуваат на Израел, како што се палестинското движење „Хамас“ во Појасот Газа и „Хезболах“ во Либан.

Хутите носат сопствени стратегиски и оперативни одлуки без да зависат од Иран, рече Хосеин Салами, опишувајќи ги Хутите како „претставници на Јеменците“.

Најмалку 31 лице загина, а 101 се ранети во американските напади, се наведува во соопштението на јеменското Министерство за здравство.

Иран го опиша американскиот напад како варварски и во соопштение изрази жалење за десетиците убиени и ранети, вклучително и невини жени и деца од Јемен.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан