Гевгелија вечер e домаќин на Друштвото на новосадски книжевници со промоција на меѓународната антологија „Нов духовен мост“
- Вечер, во рамките на програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ организира гостување на Друштвото на новосадски книжевници и промоција на Меѓународната антологија „Нов духовен мост“.
Гевгелија, 3 јуни 2025 (МИА) - Вечер, во рамките на програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ организира гостување на Друштвото на новосадски книжевници и промоција на Меѓународната антологија „Нов духовен мост“. Книжевниот настан ќе се одржи во хотел „Аполонија“- Гевгелија, со почеток во 19 часот.
Според информацијата од Општина Гевгелија, станува збор за двојазична антологија во којашто се застапени творби на 49 автори од Македонија и Нови Сад, а која во декември 2024 година беше претставена во седиштето на Друштвото. Во рамки на промоцијата ќе бидат претставени следниве писатели и поети: Селимир Радуловиќ, Мирослав Алексиќ, Ѓорѓе Писарев, Сунчица Радуловиќ Торбица и Наташа Бундало Микиќ (Србија) и Христо Петрески (Македонија).
-Целта на оваа нова книжевна организација, покрај останатото е и книжевно-културна размена помеѓу Нови Сад како европска престолнина на културата за 2021 година и останатите европски градови, преку континуиран процес на промовирање културни содржини и соодветен систем на вредности, се наведува во информацијата.
Модератор на настанот е Стефчо Стефанов, а истиот ќе биде збогатен и со музички настап. рт/дма/
Фото: Општина Гевгелија