• сабота, 23 ноември 2024

Гарсија за МИА: Планот за раст за Западен Балкан ќе биде едно од главните прашања на самитот ЕУ-Западен Балкан

Гарсија за МИА: Планот за раст за Западен Балкан ќе биде едно од главните прашања на самитот ЕУ-Западен Балкан

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Планот за раст за Западен Балкан ќе биде едно од главните прашања за кое ќе стане збор на самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи денеска во Брисел, како и на самитот на ЕУ кој почнува утре. Ова дополнително финансирање е важно за натамошен напредок со постепената евроинтеграција на регионот и за него се поставени услови, а тоа е напредок во реформите. Во ЕУ „нема бесплатни пари“, вели во интервју за МИА амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија. 

-На состанокот на Советот за општи работи во Мурсија, беше спомнат Планот за раст во контекст на идејата за постепената интеграција. Тоа е дел од идејата. Планот за раст претставува одговор на барањето за распределба на товарот од надминување на разликите во економските системи. Мислам дека претседателката на ЕК Фон Дер Лајен за време на посетата на земјава на 30 октомври спомна дека економскиот развој на државава е на ниво од 42 проценти од тој на ЕУ. Затоа е многу важен и Планот за раст ќе биде едно од прашања за кое ќе стане збор на самитот ЕУ-Западен Балкан, како и на самитот на ЕУ што ќе следи еден ден подоцна. Значи тоа ќе биде едно од главните прашања. Ова дополнително финансирање е важно за натамошен напредок со постепената евроинтеграција. И за ова дополнително финансирање поставени се услови, а тоа е напредок во реформите. Тоа е секогаш случај, на условеност со реформите, тоа е дел од „играта“ во ЕУ и тоа не само за земјите - кандидати за членство, туку и за земјите - членки. Пример е фондот за „следната генерација“ каде за да добиете средства треба да направите „ова“ или „она“. Значи во ЕУ „нема бесплатни пари“, вели амбасадорот Гарсија на прашање за коментар за Планот за раст на Западен Балкан на ЕК.

Ден по самитот ЕУ – Западен Балкан, следи Самитот на ЕУ кој ќе се одржи  во услови кога Унијата многу повеќе е фокусирана на кандидатурата за членство на Украина. Амбасадорот Гарсија уверува дека нема основа за загриженост дека политичките проценки ќе доминираат во однос на принципот на заслуги кога е во прашање оценувањето на евроинтегративните процеси.

-Пред околу една година почнавме да зборуваме за моментумот за проширување. На некој начин тоа е парадокс бидејќи ние сега сметаме дека фокусот го има Украина, а илегалната руска агресија врз Украина беше причината за тој моментум. Треба да бидеме свесни дека постои тој моментум и дека постои можност што треба да се зграпчи. Сакам да потсетам на Декларацијата од Гранада во која беше прецизно наведено дека евроинтеграцијата е процес што се темели на заслуги. Можеби постои политички амбиент, политичка рамка, но на крајот тоа е процес кој се заснова на заслуги, и тоа важи за Северна Македонија како и за другите земји-кандидати, подвлекува шпанскиот амбасадор.

Во разговорот за МИА амбасадорот Гарсија се осврнува меѓу другото и на уставните амандмани, на справувањето со корупцијата, евроскептицизмот и претстојните избори за ЕП, но како и за билатералните односи меѓу двете земји и приоритетите за следниот период на релација Мадрид - Скопје.

Во продолжение следува целосното интервју со амбасадорот Гарсија за МИА, проследено со видео материјал:

Петтото шпанско претседателство со ЕУ беше одбележано со предвремените парламентарни избори одржани во земјата во јули и со формирање на нова влада предводена од премиерот Санчез, кој беше реизбран. Колку сте задоволни од реализацијата на агендата на шпанското претседателство со Советот на ЕУ?

-Ние треба да го завршиме нашето претседавање со ЕУ. Не би сакал да коментирам колку сме задоволни со исполнувањето на агендата, но можам да кажам бројки кои можат да дадат претстава за тоа колку постигнавме. Ние веќе организиравме 24 неформални министерски состаноци, исто толку формални министерски состаноци - на Советот за општи работи, на Советот за надворешни работи, Соевтот за енергетика. Досега се одржани и шест самити, а ни претстојат деновиве Самитот ЕУ-Западен Балкан, по што ќе следи Самитот на ЕУ на кој ќе се најдат повеќе прашања. Така што луѓето ќе можат да проценат дали ги постигнавме нашите цели, но без оглед на изборите, од првиот ден бевме посветени на нашето претседателство. Ова е петто претседавање на Шпанија со Советот на ЕУ, и за нас тоа е како да се биде дел од „душата“ на Унијата. На претседавањето му претходеа месеци и месеци подготовки. Ние сме европска земја, европски граѓани и ќе продолжиме да работиме.

Иако процесот на проширување на ЕУ не беше меѓу врвните приоритети на шпанското претседателство, поддршката на Мадрид за ЕУ перспективата на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан е цврста и конзистентна. Исто така, министрите за надворешни работи Османи и Албарез во април годинава, во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за развој на соработката во процесот на пристапување во ЕУ. Што може да очекуваме во овој сегмент од билатералната соработка?

-Во врска со вашето прашање сакам да забележам дека проширувањето не беше спомнато меѓу нашите четири приоритети, но тука има едно големо „Но“ бидејќи како што кажав во моето обраќање пред двете комисии во Собранието, за нас регионот на Западен Балкан е најважен а тоа можам да го илустрирам со факти и бројки. Непосредно пред преземањето на претседателство, во јуни близу Мадрид одржавме семинар со учество на сите актери од регионот, што не е вообичаено да се прави. Второ, на крајот од септември еден од неформалните министерски состаноци се одржа во Мурсија кој беше посветен токму на проширувањето и за тоа кои се реперкусиите од проширувањето врз политиките на ЕУ, како и анализа кои се чекорите кои треба да бидат преземени со цел да се прилагодиме на проширувањето, односно за реформи кои треба да ги спроведе ЕУ а стана збор и за прашањето кое е во фокусот изминативе месеци, а тоа е темата за постепена интеграција. Потоа ја почнавме и подготовката на Декларацијата од Гранада, во која еден параграф е посветен на проширувањето. Што се однесува до билатералните односи и Меморандумот за разбирање, тој нуди широк опсег на можности, почнувајќи од промоција на стабилноста и просперитет, па се до конкретни работи, а ќе пристапиме кон негова имплементација штом завршиме со претседателството. Националната координација е многу важна кога сте во процес на зачленство, а Шпанија имаше доста долг процес на пристапување во ЕУ исполнет со компликации и можеме да го споделиме нашето искуство, особено во делот на искористување на финансиските инструменти на ЕУ за подготовка за членство. Не би сакале да држиме лекции, туку да помогнеме преку нашето искуство да ја нагласиме важноста од максимално искористување на средствата кои се на располагање, како и во делот на хармонизацијата со правото на ЕУ. Досега имавме соработувано со Северна Македонија и на десетина твининг проекти и проекти на ТАИЕКС - два од широкиот опсег на инструменти кои се на располагање да и поомогнат на земјата да се подготви за полноправното членство.     

Северна Македонија го доби новиот Извештај на ЕК за напредокот на земјата, во кој се нотирани сериозни забелешки во однос на состојбите во судството и борбата против корупцијата. Кој е според вас клучниот пристап за придвижување на реформите во оваа критична област?

-Всушност ова е најважното поглавје од пристапниот процес, а тоа е важно и за самите земји членки. Точно, во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата се наведени забелешки за состојбата во правосудството, за потребните реформи. Но, исто така, постои уште еден Извештај кој се очекува, тој на Оценската мисија на ЕУ која во јули и септември годинава ја посети земјава во врска со Судскиот совет. Се очекува и од овој Извештај да произлезат препораки. Сакам да нагласам дека за време на нашето претседателство, на 26 и 27 октомври овде се одржа Министерски форум за внатрешни работи и правда, што исто така зборува за посветеноста на нашето претседателство на Западен Балкан, а на кој се посвети внимание за прашањето на правда не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион. На овој форум беше презентиран и Извештај подготвен од ОБСЕ за целиот регион. Па кога прашувате кој би бил пристапот, ова е политичко и техничко прашање на високо ниво. Но вие имате препораки, треба да ги следите тие препораки и да ги спроведете, за што е потребно време, напори, тоа би бил мојот пристап. 

Уставните измени се услов Северна Македонија да го продолжи европскиот пат, но по успешното заокружувањето на скрининг процесот, јасно е дека политичкиот консензус не е на повидок. На претстојниот Самит на ЕУ закажан за 14 декември се очекуваат одлуки за процесот на проширување. Што ќе значи за Северна Македонија доколку земјава не ја искористи оваа можност создадена и со посебниот геополитички момент, војната во Украина и безбедносните предизвици?

-Прашањето „што доколку не“, стана вообичаено за историчарите во последниве неколку години, како нов начин да се пристапи на историјата. Тешко е да се каже, но да се вратиме на фактите и бројките. Во јули 2022 година се отвори врата и се одржа Првата меѓувладина конференција и тоа е многу важно бидејќи тоа всушност беше отворање на преговорите. Сега доаѓа следниот чекор, и во однос на тоа сакам да бидам многу јасен, а тоа е одлуката за уставните измени, и тоа е исклучиво суверена одлука на Северна Македонија. Никој не може да одлучува во ваше име и зависи само од вас. За оваа одлука во моментов го нема потребното парламентарно мнозинство, но јасно е дека постои потреба да се усвојат измените на Уставот. Доколку тоа не се случи, се уште постои моментумот, но се уште постои и условот и не може да кажеме што ќе се случи во иднина, колку долго, колку месеци или години ќе постои тој отворен прозорец. Тоа е условот, и тој не е исполнет. Европскиот совет ќе одлучува за неколку прашања, за ова се преговара, но како актуелни претседавачи мора да бидеме внимателни во однос на ова прашање, не можеме да кажеме каква одлука ќе биде донесена. Пораката е јасна, постои услов кој треба да биде исполнет.

Ден пред Самитот на ЕУ ќе се одржи самитот ЕУ – Западен Балкан, во услови кога Унијата многу повеќе е фокусирана на кандидатурата за членство на Украина. Има ли основа за загриженост дека политичките проценки ќе доминираат во однос на принципот на заслуги при оценувањето на евроинтегративните процеси?

-Пред околу една година почнавме да зборуваме за моментумот за проширување. На некој начин тоа е парадокс бидејќи ние сега сметаме дека фокусот го има Украина, а илегалната руска агресија врз Украина беше причината за тој моментум. Треба да бидеме свесни дека постои тој моментум и дека постои можност што треба да се зграпчи. Сакам да потсетам на Декларацијата од Гранада во која беше прецизно наведено дека евроинтеграцијата е процес што се темели на заслуги. Можеби постои политички амбиент, политичка рамка, но на крајот тоа е процес кој се заснова на заслуги, и тоа важи за Северна Македонија како и за другите земји-кандидати.

Каков е вашиот став за Планот за раст за Западен Балкан и колку е реален зацртаниот датум за проширување до 2030 година, кој Брисел го објави како временска рамка за подготовка на ЕУ за новите земји-членки?

-На состанокот на Советот за општи работи во Мурсија, беше спомнат Планот за раст во контекст на идејата за постепената интеграција. Тоа е дел од идејата. Планот за раст претставува одговор на барањето за распределба на товарот од надминување на разликите во економските системи. Мислам дека претседателката на ЕК Фон Дер Лајен за време на посетата на земјава на 30 октомври спомна дека економскиот развој на државава е на ниво од 42 проценти од тој на ЕУ. Затоа е многу важен и Планот за раст ќе биде едно од прашања за кое ќе стане збор на самитот ЕУ-Западен Балкан, како и на самитот на ЕУ што ќе следи еден ден подоцна. Значи тоа ќе биде едно од главните прашања. Ова дополнително финансирање е важно за натамошен напредок со постепената евроинтеграција. И за ова дополнително финансирање поставени се услови, а тоа е напредок во реформите. Тоа е секогаш случај, на условеност со реформите, тоа е дел од играта во ЕУ и тоа не само за земјите - кандидати за членство, туку и за земјите - членки. Пример е фондот за „следната генерација“ каде за да добиете средства треба да направите „ова“ или „она“. Значи во ЕУ „нема бесплатни пари“.

Претстои изборна година, се очекуваат регуларни избори во Северна Македонија во мај, како и избори за Европскиот парламент во јуни. Колку исходот од изборите и порастот на евроскептицизмот во некои земји-членки на ЕУ ќе влијае на реформските процеси во земјата и на политиката за проширување на ЕУ?

-Тоа се два важни настани. За изборите во Северна Македонија не е на мене да коментирам. Што се однесува до изборите за ЕП и кога зборуваме за прашањето на евроскептицизмот, не можам да цитирам бројки и статистики, но нема сомневање дека сме во позиција на повеќе евроскептицизам. Какви и да се резултатите ќе мора да ги прифатиме бидејќи тие се резултат на гласањето на граѓаните. Како Европеец, не знам дали ќе можам да гласам во оваа прилика, но тие ќе го одразат јавното мислење и ние мора да се прилагодиме на него. Потоа да потсетам, ќе биде потребно некое време Парламентот да избере нова Комисија. Всушност ЕУ е политичко животно, ако можам така да кажам, кое работи по свои услови, постојат нови идеи, за промени, амандмани, но постои и таа идеја за поширока Европа која ќе напредува. Таа ќе биде одговор на гласањето на граѓаните без оглед какво и да е тоа. Но во исто време би рекол дека веќе во Декларацијата од Гранада има одредени навестувања во однос на проширувањето. Би рекол дека беше тоа јасна изјава, но дали ќе кажеме нешто што ќе биде целосно различно од она што ќе го кажат гласачите на изборите, не знам. Затоа нема да бидам пророк, туку ќе кажам дека ЕУ постои повеќе од половина век, и има своја филозофија и пристап кон работите. Дали овој евроскептицизам ќе се одрази соодветено и на политиките на проширување на ЕУ институциите не знам, но тоа е сепак долгорочен процес и ќе видиме како ќе се одвива во наредните години. 

Каков е ставот на Мадрид во однос на Извештајот на француско-германската експертска група за реформи во ЕУ, кој предлага ЕУ да премине на одлучување со квалификувано мнозинство како подготовка за ново проширување?

-Ова е една од прашањата што треба да бидат дискутирани во следните месеци и години – квалификуваното мнозинство, со оглед на претстојното проширување. Уште пред Декларацијата од Гренада, Шпанија поддржуваше или промовираше одредени измени во начинот на кој се носат одлуки во Европската унија. Ние сме веќе голема Унија, прилично тешко е да се договори сè со консензус, и веќе подолго време го поддржуваме тоа. Но, зборуваме за нешто што веќе подолг период се дискутира. Сега со процесот на проширување, ова е акутно прашање за кое мора да размислиме. Кој е ставот на Мадрид? Ставот на Мадрид е да најдеме консензус. Не е само овој извештај, ова е нешто присутно со години, не е првпат да има дискусии во ЕУ за промена на начинот на кој се носат одлуки. Сега е поврзано со проширувањето, но тој проблем постои со години. И, можам да кажам кој бил ставот на Шпанија до сега, всушност ние го промовиравме, започнавме во минатото, не зборувам за овој конкретен проект или извештај, туку тоа беше поента дека има нешто што треба да се разгледа.

Минатата година Педро Санчез беше првиот шпански премиер кој официјално ја посети земјава од воспоставувањето на билатералните односи, а годинава Алварез првиот шеф на шпанската дипломатија, кој беше во посета на Скопје. Како ја оценувате новата динамика во билатералните односи меѓу двете земји, кои следната година ќе ја одбележат 30-годишнината, а земјите се и сојузници во НАТО?   

-Некој би рекол дека ова се најдобрите времиња од нашите билатерални односи. Но, всушност, би требало да бидеме уште поамбициозни. Факт е дека можеме подобро. Овие две посети од нашиот премиер и министерот Алварез на билатерално ниво се чекор напред во еден постепен процес, постепено се движиме до ниво каде што ги имаме овие билатерални размени на високо ниво. Всушност, повеќе од еднаш сме имале и билатерални посети од премиерот на Северна Македонија и министерот за надворешни, па ова важи за двете страни. Тоа е еден дел од односите. Но билатералните односи се основаат на многу повеќе од институционалните односи. Институционалните се важни но не се само тие, и кога и да дојде нашиот премиер или министер Алварез, пораката е иста. Мора да ги подобриме врз основа на тоа, да ги подобриме економските односи, културните односи, и односите меѓу луѓето.

На пример, важно е повторно да имаме директни летови помеѓу Северна Македонија и Шпанија. Ние, како Амбасада, работиме на тоа, тоа е мојата домашна работа. Годишнината е добра можност да процениме каде сме, но мора да бидеме многу амбициозни и работиме на тоа. Секој Амбасадор би бил среќен да каже, да се пофали, дека во период од околу една година имало посета од премиерот и од министерот за надворешни работи – всушност, не беа само тие – исто имаше и посета од министерката за правда и министерот за внатрешни работи. Вистина е дека беа тука за мултилатерални прашања, но исто ја искористија можноста да одржат вакви размени. Пред долго време исто така имаше и посета од министерот за одбрана, и како што спомнавте, сега сме сојузници во НАТО, па всушност мора да ги подобриме, да ги збогатиме нашите односи во безбедноста и тоа е уште едно поле. Но, секако, како што спомнав, економското поле би требало да е, и е, еден од приоритетите.

Еден од најдобрите промотори на културната соработка се културните центри. Шпанија го има Институтот Сервантес. Може ли наскоро да очекуваме отворање на филијала на овој Институт во Северна Македонија, бидејќи такви веќе има и во неколку други балкански земји?

-Институтот Сервантес или центрите за култура, се едни од главните инструменти за подобрување на односите во културата. Таква одлука подразбира не само финансии туку и административна одлука, тоа е комплексен и долг процес и не би можел да претпоставам дека такво нешто ќе се случи во следните месеци или во 2024. Доста е комплицирано и треба да бидеме малку попрактични, веќе работиме на одредени идеи поврзани со онлајн курсеви по шпански. Шпански како јазик кој не е важен само во Шпанија, постојано велам дека е јазик кој го споделуваат, не го знам точниот број, околу 600 милиони луѓе, нешто така. Тоа е вториот најголем јазик во светот. Тоа е важно, постојано потенцирам колку е важен, не затоа што е јазик, кастиљски шпански што се користи во Шпанија, туку затоа што се користи во цела Латинска Америка и исто расте во популарност и во САД. Но не е само Институтот Сервантес, тука ние веќе имаме професор, на универзитетот, тука е веќе неколку години, работиме да ги унапредиме неговите услови. Но исто така работиме и во други полиња, на пример, знам дека аудиовизуелните средства се исто прилично важни. Многу граѓани кога ќе ги прашам каде научиле толку убаво да зборуваат шпански ми кажуваат дека гледале „сапуници“ кои биле прилично популарни пред 10-15 години и повеќе ги немаме. Но сепак, исто ми кажуваат и дека La Casa de Papel е сега меѓу популарните сапуници или телевизиски серии во Северна Македонија и во целиот регион. Значи, ајде да размислиме за други начини, не само Институтот Сервантес, работиме на тоа. Со гордост можам да кажам дека минатата година на пример, во Националната библиотека, имавме можност да организираме читање на одредени извадоци од Дон Кихот на шпански и македонски. Не знам што ќе подготвиме оваа година, но секогаш размислуваме за нови идеи. Знам, се разбира дека би било најважно да го имаме Институтот Сервантес во Скопје, ќе продолжиме да работиме на тоа, но истовремено треба да работиме на други идеи кои се можеби полесни и би можеле да одиграат важна улога во промоцијата на нашата култура, нашиот јазик и нашите вредности – вредности кои ги споделуваме.

Ви благодарам амбасадоре за ова интервју за МИА и среќни празници.

-Исто и на вас, ми беше задоволство, и на сите што ќе го гледаат ова им посакувам среќни празници, и сѐ најубаво за Северна Македонија и за нејзините граѓани.

Виолета Геров

Фото: Фросина Насковиќ

Снимател: Аслан Вишко

Остани поврзан