• среда, 27 ноември 2024

Ганиу: Еден член ни следува по закон како опозиција, ДИК треба ова да го реши што побрзо

Ганиу: Еден член ни следува по закон како опозиција, ДИК треба ова да го реши што побрзо

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, во однос на избор на член од албанската опозиција во Државната изборна комисија (ДИК) рече дека во моментов тој член е на Алијанса, а Алијанса е дел од Владатам, и дека еден член треба да биде од опозицијата, што според него значи дека тоа им следува по закон и ДИК треба тоа да го реши што побрзо.

Ганиу во изјава за медиумите при денешната активност на лидерите од албанската опозиција пред споменикот на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег во Старата скопска чаршија во одговор на новинарски прашања коментираше и за изјавата на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари дека неговата партија ќе се повлече од Владата ако не се применат уставните измени и кажа дека се отворени за секоја нова соработка.

-Ние како албанска опозиција имаме место за секој што ја поддржува нашата идеја, отворени се вратите за секој граѓанин, за секоја партија, за секоја асоцијација и здружение има место в нашиот блок, рече тој.

Во однос на прашањето дали е во опција некаква коалиција со македонска партија или конкретно со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие веќе поставија услови коишто партијата која ќе сака да коалиционира со нив ќе мора да ги прифати, Ганиу одговори негативно, велејќи дека нивната првична цел е да ја консолидираат албанската опозиција.

-Опозицискиот блок кај Албанците е многу јак и за прв пат во историјата на плурализмот имаме големо заедништво. Ние на избори ќе одиме сами, прво сакаме во албанскиот блок да ги добиеме изборите после решаваме за се, изјави Ганиу.

Додека во однос на прашањето околу тоа дека ВМРО-ДПМНЕ би сакале да има нови министерства или спојување на министерства и дали таа опција е прифатлива за албанската опозиција тој повтори дека прво е важно да се добијат избори, па потоа ќе почнат преговори и дека во тие преговори, како што рече, ќе ги пласираат своите идеи и барања.

Тој негативно одговори и на прашањето за евентуална коалиција со ДУИ во нова влада.

-Не, ние бевме дел од ДУИ, но поради тоа што мислиме дека заложбите за коишто ДУИ ги доби изборите не кореспондираат во реалноста и во овој мандат што го има плус и додатните негативни вредности што ги доби ДУИ во овој мандат, знаете секој ден се поврзани со различни скандали, ние не гледаме никаква причина да бидеме со нив во коалиција или заедно да владееме во државата, посочи Ганиу.

На прашањето за граничниот премин со Србија, во Куманово на еден собир, во однос на тврдењата на вицепремиерот Артан Груби која неодамна изјави дека дека патот таму е направен, се е направено и дека и интернетот е пуштен во употреба, Ганиу рече дека нивни членови биле таму и со видео презентација покажале дека, како што рече, таму освен дрва и гранки нема воопшто ниту пат, ниту интернет, ниту нешто спремно што наликува на граничен премин.

-Значи ниедна работа не е завршена, а тој најавуваше дека од наша страна се е готово, се останало да се заврши од нашиот сосед Србија. Интересно е што вика дека немаат комуникација и не можат да воспостават за да можат да го тераат овој проект понатаму, а од друга страна господинот Груби, кога беше работата за „Отворен Балкан“, имаше одлична соработка со господинот Вучиќ, така што заедно и со господинот Ахмети и со сите прошетаа низ улиците на Македонија, низ нашите скапоцени објекти и има објаснуваа колку имаат вредност, но за оваа работа којашто е неопходна за граѓаните и имаат голема потреба од тоа, тогаш немаат комуникација. Кога им се допаѓа имаат, кога не им се допаѓа немаат комуникација, истакна тој.

Ганиу исто така рече дека се уште немаат кандидат за претседател, но посочи дека се во консултации со сите партнери и дека наскоро ќе имаат кандидат. сх/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан