• понеделник, 23 декември 2024

„Газета експрес“: Курти в понеделник во Скопје на средба со премиерот Мицкоски

„Газета експрес“: Курти в понеделник во Скопје на средба со премиерот Мицкоски

Приштина, 3 август 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти в понеделник, на 5 август, ќе допатува во Скопје, каде што ќе се сретне со неговиот македонски хомолог, Христијан Мицкоски, дознава македонското дописништво на приштинскиот портал „Газета експрес“.

Неименувани извори на порталот од владејачките структури во Скопје тврдат дека средбата на премиерите на Северна Македонија и Косово ќе се одржи задутре во 10 часот, а на неа ќе присуствуваат и членови на македонската Влада од редовите на каолицијата „Вреди“.

Како што пренесува МИА, во косовската делегација која ќе го придружува Курти за време на престојот во Скопје ќе биде и вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала.

Приштинскиот медиум напоменува дека посетата на Курти на Скопје се случува во време кога Косово упати протестна нота до Северна Македонија поради инцидентот што се случи на Скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи, кога, според официјална Приштина, аеродромската полиција побарала од неа да ја предаде личната ташна и мобилниот телефон за скенирање, по што дошло до судир меѓу обезбедувањето на косовската претседателка и членови на аеродромското обезбедување.

Македонското МВР, пак, во четвртокот вечерта соопшти дека обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши им се заканувало на вработени во ТАВ кои побарале од претседателката на Косово, Вјоса Османи да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје. Од ТАВ Македонија соопштија дека одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија постапило во рамките на своите овластувања и спровело стандардна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП - салонот со што, велат оттаму, воопшто не била загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците. иа/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан