Вo Египет откриени два реставрирани колоси на фараонот Мемнон
- Џиновските статуи од алабастер, познати како Колосите на Мемнон, се повторно составени во проект за реновирање што траеше околу две десетлетија.
Каиро, 15 декември 2025 (МИА) - Вo Египет властите свечено открија две реставрирани колосални статуи со ликот на фараонот Мемнон во градот Луксор, и тоа е најнов во низата владини археолошки проекти насочени кон привлекување повеќе туристи во земјата.
- Џиновските статуи од алабастер, познати како Колосите на Мемнон, се повторно составени во проект за реновирање што траеше околу две десетлетија. Тие го претставуваат Аменхотеп Трети, кој владеел со Древен Египет пред околу 3.400 години. Денес всушност го славиме завршувањето и поставувањето на овие две колосални статуи, изјави Мохамед Исмаил - генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети пред почетокот на свеченоста. - Колосите се од големо значење за Луксор, град познат по своите антички храмови и други антиквитети. Тие се, исто така, обид да се оживее изгледот на погребниот храм на владетелот Аменхотеп Трети одамна, додаде стручњакот.
Аменхотеп Трети, еден од најпознатите фараони, владеел за време на 500-годишното Ново Кралство, што е период на подем и висок развој.
Фараонот, чија мумија е изложена во Каиро, владеел меѓу 1390 и 1353 година п.н.е., а познат е и по големите градежни потфати и работи, вклучувајќи го и неговиот погребен храм, во којшто се сместени Колосите на Мемнон, и друг храм - „Солеб“ во Нубија. Колосите биле уништени во голем земјотрес околу 1200 година п.н.е. што го уништил и погребниот храм на Аменхотеп Трети. Колосите, со димензии од 14,5 метри и 13,6 метри, се наоѓаат над влезот во Владетелскиот храм на западниот брег на Нил. Се верува дека комплексот од 35 хектари е најголемиот и најбогат храм во Египет и често се споредува со Храмот во Карнак, исто така во Луксор.

Кон крајот на 1990-тите, египетско-германска мисија, предводена од германскиот египтолог Хуриг Сурузијан, почнала со работа во областа на храмот, вклучувајќи го и склопувањето и реновирањето на колосите.
Статуите го прикажуваат Аменхотеп Трети седнат со рацете потпрени на бутовите, со лицето свртено кон исток, кон Нил и изгрејсонцето. Украсени се со „немес“ инсигнии со двојни круни и владетелско здолниште коишто ја симболизираат божествената власт на фараонот. Натаму, две други мали статуи пред нозете на фараонот се приказ на неговата сопруга Тије.
- Ова место ќе биде интересно во годините што доаѓаат, изјави министерот за туризам и антиквитети, Шериф Фати, кој присуствуваше на свеченото откривање.
Рекорден број од околу 15,7 милиони туристи го посетија Египет во 2024 година, придонесувајќи со околу осум проценти од бруто домашниот производ (БДП) на земјата, според официјалните бројки. Се очекува тој број да достигне 18 милиони туристи годинава, а властите се надеваат на 30 милиони посетители годишно до 2032 година. си/ми/
Фото: ЕПА