• среда, 27 ноември 2024

В сабота се очекува да проработи половината од Градскиот пазар во „Глобал“

В сабота се очекува да проработи половината од Градскиот пазар во „Глобал“
Струмица, 23 февруари 2021 (МИА) - В сабота, кога во Струмица е пазарен ден, се очекува да почне со работа половината од Градскиот пазар во Трговскиот центар „Глобал“, информираше Стојан Манев од Здружението “Обнова Глобал“. Тој додаде дека привршува поставувањето на излозите од внатрешната и надворешната страна на опожарените продавници, а во наредниот период се очекува да почне со работа и другата половина од пазарот, која претрпе најмногу штети од пожарот. Според Манев, во „Глобал“ е опожарена површина од околу 6 илјади метри квадратни. Целосно изгореле 31 објект, а голем е бројот и на тие што се делумно опожарени. -Покривот е целосно изгорен и затоа овие денови приоритет е токму тоа. Изведувачот за санација на овој дел не информираше дека се набавени потребните материјали и од вчера почна санацијата на покривот за потоа да може да се продолжи со работа во заедничките простории, рече Манев. Бранко Ѓоргиев од ЈПКД „Комуналец“, кое стопанисува со Градскиот пазар, информира дека во тек се завршните работи околу подготовките за повторно пуштање во употреба на половината од Градскиот пазар. -Денеска требаше да извршиме завршно чистење и миење на површините во пазарот, но го одложивме за утре заради завршување на други работи. Таму е обновена електричната инсталација и е пуштено осветлувањето и очекувам утре да завршиме со подготовките за повторно пуштање во употреба на половината од пазарот, рече Ѓоргиев. Според информациите од претседатеот на Општинската комисија за проценки на штети од елементарни и други непогоди, Ацо Ѓоргиев, тече поднесувањето на барања од страна на сопствениците на тезги и продавници и досега се поднесени вкупно 59 апликации, од кои 44 се од правни субјекти и 15 од физички. Очекуваат набргу да заврши поднесувањето барања и откако ќе бидат доставени сите, Општинската комисија ќе ги сублимира во заеднички извештај за штетата, која, како збирен извештај, го доставува до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штети, а ќе биде даден на разгледување и во Бирото за судски вештачења. Во пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, беше опожарена една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и  покривот. рт/сст/        

Остани поврзан