• вторник, 24 декември 2024

Вјоса Османи е нова претседателка на Косово

Вјоса Османи е нова претседателка на Косово
Приштина, 4 април 2021 (МИА) – Вјоса Османи е нова претседателка на Република Косово, откако вечерва за нејзиниот избор гласаа мнозинството пратеници во републичкото Собрание, јави дописникот на МИА од Приштина. Досегашната пратеничка, а поранешна собраниска спикерка на Собранието и вршителка на должноста претседателка на државата, 39-годишната правничка Османи, го доби петгодишниот мандат на чело на државата во третиот круг на гласање, откако за неа гласаа 72 пратеници. Неважечки беа 11 гласачки ливчиња, додека противкандидатот на Османи, Насуф Бејта не освои ниту еден глас. По првите два круга гласање ниеден од двајцата кандидати за претседател на Косово не ги доби потребните две третини од гласови на републичките пратеници за да биде избран, така што се одржа и третиот круг гласање, во кој, за да биде избран, на еден кандидат му беше потребно просто мнозинство од 61 глас. Обајцата кандидати за нов шеф на државата се предложени од редовите на владејачкото Движење самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, со тоа што Бејта, како што и самиот имплицира во изјави за медиумите, учествуваше формално, колку да се запази формалната процедура. Во првиот круг гласаа 81 пратеник, Османи доби 69 гласа, Бејта ниту еден, а 12 гласачки ливчиња беа неважечки. Во вториот круг, во кој гласаа 82 пратеници, Османи освои 67, Бејта 4 гласа, а 11 ливчиња беа неважечки. Според Уставот на Косово, за да биде избран за претседател на државата, за еден кандидат треба да гласаат две третини, односно 80 од пратениците во 120-членото Собрание. Доколку во првите два круга ниеден од кандидатите не ги добие потребните гласови, во третиот круг се избира кандидатот што ќе освои 61 глас, но под услов да гласале најмалку 80 пратеници. Доколку и во третиот обид не се избере претседател на државата, Собранието се самораспушта и се закажуваат нови парламентарни избори, кои треба да се одржат во рок од 80 дена. Денешната седница беше продолжение на вчерашната, кога во првиот круг, во два обиди не беа обезбедени 80 гласа, односно гласаа 78 првиот пат и 79 вториот пат. Од синоќа до пред почетокот на денешното гласање, на парламентарното мнозинство, кое го сочинуваат 58 пратеници на ВВ и осум од партиите на немнозинските заедници, како и на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, чии 12 (од вкупно 15) пратеници гласаа со цел да се обезбеди потребниот форум, му се приклучија уште четворица пратеници – уште двајца од немнозинските заедници и по еден од опозициските Демократска партија на Косово и Алијанса за иднината на Косово. Откако положи заклетва и по изведувањето на косовската химна, Османи од собраниската говорница ѝ се обрати на јавноста при што, меѓу другото, ги повика сите политички фактори да ѝ се приклучат во напорите за натамошно градење на демократска држава. Османи порача дека ќе ја продолжи и досегашната практика на градење добрососедски односи, но најави дека од новата позиција нема да престане да бара правда за жртвите од војната со Србија во 1998-99 година и казна за сторителите на геноцидот и злосторствата против цивилното население во Косово. Таа вети дека ќе биде претседател на сите граѓани и обединувачки фактор на сите во државата и изрази надеж дека ќе има успешна и конструктивна соработка со извршната и законодавната власт, како и со сите фактори, со цел натамошно јакнење на косовската државност. Вјоса Османи е петта претседателка на Косово од осамостојувањето на државата. Пред неа на чело на државата беа Ибрахим Ругова, Фатмир Сејдиу, Атифете Јахјага и Хашим Тачи. иа/

Остани поврзан