• сабота, 16 ноември 2024

Вјоса Османи: Време е Украина да преземе храбри одлуки за воспоставување односи со Косово

Вјоса Османи: Време е Украина да преземе храбри одлуки за воспоставување односи со Косово

Приштина, 25 август 2023 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави денеска дека Косово е „природен партнер“ на Украина и дека сега е време Киев да преземе „храбри одлуки“ за воспоставување меѓудржавни односи, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешното одбележување на 32-рата годишнина од независноста на Украина, организирано од неколку странски амбасади во Косово, Османи изјави дека нејзината земја била и останува „силен поддржувач на слободата, суверенитетот и правото на Украина, наспроти еден“, како што ја нарече Русија, „агресивен и геноциден сосед“.

- Нашата поддршка е принципиелна и се води од вредностите кои се длабоко вкоренети во темелите на нашата суверена држава. Очекуваме Украина да ја возврати поддршката кон Косово како независна и суверена држава и природен сојузник во овој регион. Војната ги зближи нашите народи и сега е време за храбри одлуки за втемелување и на односите меѓу нас, изјави Османи.

Таа порача дека поддршката на Косово за Украина не е изненадување и дека, „како што косовскиот народ некогаш беше жртва, и украинскиот народ сега се соочува со страшни злосторства“.

- Наративот на Русија, кој го зема за пример случајот на Косово за да ја оправда војната во Украина, треба да се отфрли од сите и никој не смее да падне во таа стапица на (претседателот на Русија, Владимир) Путин, порача Османи.

Медиумите на албански јазик во Приштина, повикувајќи се и на одредени украински политичари, меѓу кои пратеникот во државното Собрание, Олексиј Гонарченко, во последно време шпекулираат со информации за наводно признавање на Косово од страна на Украина. Меѓутоа, според извештаите, од официјален Киев засега нема никаква најава за такво нешто. иа/рп/

Остани поврзан