• сабота, 23 ноември 2024

Вучиќ на Генералното собрание ги обвини западните земји дека ги кршат нормите на ОН

Вучиќ на Генералното собрание ги обвини западните земји дека ги кршат нормите на ОН

Белград, 25 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во говорот на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ги обвини западните земји за кршење на нормите на ОН и кршење на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, дека Србија, и покрај глобалните предизвици, ги брани принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и дека во овој момент „ нема правда за Србите на Косово“, јави дописниот на МИА од Белград.

-Кога големите лидери овде зборуваат страсно и запаливо за потребата од украинска слобода, за почитување на ОН и нејзината повелба, резолуциите, се прашувам зошто не ја почитуваат Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 кога станува збор за територијалниот интегритет на Србија, праша Вучиќ.

Тој покажа документ во кој стои дека „никој не може да има вооружени сили на територијата на Косово и Метохија освен КФОР“.

– Оние кои ја нападнаа Србија се обидоа да заземат дел од нејзината територија, а тоа се обидуваат да го направат и денеска. Ве прашувам, почитувани претставници и пријатели, што да правиме ние како мали слободарски земји, денес во светот сите зборуваат за Украина, никој не смее да зборува за Србија. Ние не сме слуги на Русија или на САД, ние имаме своја политика и свои интереси, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија повика на враќање на пропаднатиот кредибилитет на Обединетите нации, додавајќи дека мора да се запре политиката на двојни стандарди.

-Мора да ја вратиме вербата во меѓународното право и принципите за кои сите се согласивме одамна. Мораме да ја вратиме вербата во мирот, бидејќи тоа е единствениот пат кој нема алтернатива, рече Вучиќ.

Вучиќ истакна дека отворањето на „Пандорината кутија“ не се случи со нападот на Украина, туку тоа беше направено во 1999 година, кога почна агресијата врз Србија и кога почна бомбардирањето без одлука на ОН.

За да се избегне какво било недоразбирање, нагласи тој, Србија ја поддржува Повелбата на ОН, територијалниот интегритет на Украина и тоа никогаш не го доведе во прашање.

Светот е на работ на катастрофа, повтори тој, во кој сите, божем, бранат принципи, никој не признава никаква грешка, а на сите им е јасно дека никој никаде нема принципи.

Вучиќ зборуваше за неразумноста на политиките на косовските власти, револтот.

-На прогонот на се што е српско на Косово и Метохија упатуваат низа вознемирувачки потези, од забраната за платниот промет во српската валута- динар на Косово, која трае повеќе од шест месеци, и забраната за поштенски услуги, што го загрозува секојдневниот живот на Србите и другите жители кои не се Албанци, до забраната за посета на поглаварот на СПЦ, Порфирије, на Пеќката патријаршија, посочи Вучиќ.

Потоа се осврна на мислата на поранешниот јужноафрикански лидер Нелсон Мандела дека „вистинскиот и траен мир може да се постигне само преку правда и почитување на човековите права“.

– А како може да има мир на Косово и Метохија ако таму систематски се нарушуваат правниот поредок и основните права на цел еден народ, рече српскиот претседател.

За време на своето обраќање во ОН, тој истакна дека Србија ќе остане посветена на дијалогот со Приштина под покровителство на ЕУ. об/

Остани поврзан