• сабота, 23 ноември 2024

Вучиќ: Испратив 14 писма до европските лидери да ја разгледаат одлуката за Косово во СЕ и резолуцијата за Сребреница

Вучиќ: Испратив 14 писма до европските лидери да ја разгледаат одлуката за Косово во СЕ и резолуцијата за Сребреница

Белград, 14 април 2024 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија ги презела сите мерки и испратила писма до сите членки на Советот на Европа за да го спречи приемот на Приштина во таа организација, како и писмо до претседателот на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

- Напишав вкупно 14 различни писма до европските лидери, главно персонализирани писма. На сите им се обратив имајќи ги предвид специфичните околности и односи што ги имаме. На еден начин и до оние кои ја признаваат Приштина, а на друг начин и до оние кои не ја признаваат Приштина. Побарав уште еднаш да ја разгледаат одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа и одлуката на Комитетот на министри за Косово да биде поинаква, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека е јасно дека на Косово нема владеење на правото, дека таму се практикува терор и дека ЗСО не е формирана по 11 години.

- Посебно укажав на трикот што мислат дека ќе го искористат на 10 мај со испраќањето на нацртот на ЗСО предложен од Европејците до таканаречениот уставен суд на уставна оцена, по што секако нема да преземат ништо, да замачкаат очи и да обезбедат глас во Советот на Европа. Ние ќе продолжиме да работиме и да се бориме, за ова секако дека најдолго разговарав со францускиот претседател Емануел Макрон, кој вчера и завчера имаше разговори со Олаф Шолц. Ќе видиме како тоа понатаму ќе се одвива. А, ние ќе се држиме до меѓународните јавно-правни норми и до последен момент ќе се бориме за вистина и правда, рече Вучиќ.

Тој рече дека му напишал писмо и на претседателот на Генералното собрание на ОН и разговарал со него за резолуцијата за Сребреница.

- Писмото ќе го достави специјалниот пратеник Вук Јеремиќ, ќе ги пренесе сите мои вербални пораки, а ќе имаме специјални пратеници и на други адреси, рече Вучиќ.

Тој додаде дека вчера добил официјална потврда од Соединетите Американски Држави дека „исклучително силно ќе лобираат за резолуцијата за Сребреница“.

- Ќе одам во Њујорк да се борам против нивното лобирање и да разговарам со пријателски и слободољубиви земји, рече Вучиќ. об/паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан