Втор пораз за македонската младинска репрезентација ЕП Б дивизија во Ерменија
- Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва го доживеа и вториот пораз на Европското првенство Б дивизија
Ереван, 12.јули 2025 (МИА) - Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија (кошаркари до 20 години) вечерва го доживеа и вториот пораз на Европското првенство Б дивизија што се игра во Ерменија. Поуспешни од македонските млади кошаркари беа врсниците од Австрија, кои со 79:58 славеа победа.
Избраниците на селекторот Горан Самарџиев одиграа солидна прва четвртина која ја добија со 13:12, но во следните две ривалите беа подобри и ги добија четвртините со 18:8 и 30:21 што им донесе убедлива предност во пресрет на последната четвртина.
Најдобар во таборот на Македонија беше Стефан Стојковиќ кој имаше „дабл-дабл“ ефект - 15 поени и 12 скока, а најефикасен на дуелот беше Омер Суљановиќ од Австрија со 19 поени.
Утре Македонија го игра третиот натпревар во групата. Дуелот почнува во 14 часот, а противник ни е Грузија. мн/
Фото: Фејсбук Кошаркарска федерација на Македонија