• сабота, 23 ноември 2024

Втор отворен повик за резиденции за автори и преведувачи од Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција

Втор отворен повик за резиденции за автори и преведувачи од Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Во рамки на регионалниот проект „Регионална Мрежа за Културна Разновидност – РЕАД“ поддржан од Европската Унија, отворен е повик за резиденции за автори и преведувачи од Северна Македонија, Албанија, Кососво, Србија и Турција. Како што соопштија организаторите, во текот на едномесечниот престој, регионални и локални писатели, преведувачи, драматурзи, поети, илустратори, уметници на графички новели и стрипови и новинари од културата од наведените земји ќе имаат можност да размислуваат и творат на тема помирување и културна разновидност. Резиденцијалниот престој ќе го организираат проектните партнер- организации од петте земји. Секоја организација ќе прими два автори во текот на 2022 година. Како што е најавено, во иста мера се добредојдени млади и не многу искусни автори како и веќе етаблирани и автори со поголемо творечко искуство. Еден од критериумите за пријавување е авторот да има издадено најмалку две сопствени книги/дела или два преводи. Апликантите мора да се жители на една од наведените земји. Резиденциите ќе се одржуваат во периодот од мај до декември 2022 година. Од избраните автори ќе се очекува да бидат продуктивни во текот на резиденцијалниот престој. Покрај работата на пообемниот проект, со кој ќе аплицираат, се очекува целосно да завршат и едно пократко дело, текст, есеј, поема, кратка приказна, статија, стрип, поврзано со општата тема: „Обединети во разновидност“, придонесувајќи кон помирување и меѓукултурна толеранција. Покрај пишувањето, творењето и преведувањето, од авторите ќе се очекува да учествуваат во работилници, да прават презентации (некои од нив може да се дел од мобилната библиотека) активно да учествуваат на литературните фестивали на партнерските организации, да одржуваат јавни литературни читања итн. Пријавувањето е преку онлајн платформа и на англиски јазик. Рок за пријавување е до 31 март. Организациите домаќини ќе обезбедат сместување, покривање на патните трошоци за авторот и стипендија за секојдневните трошоци од 1.350 евра бруто износ.бт/са/

Остани поврзан