• понеделник, 23 декември 2024

Втор ден саем на ВМРО-ДПМНЕ: Во општините водени од градоначалниците инвестирани повеќе од 120 милиони евра

Втор ден саем на ВМРО-ДПМНЕ: Во општините водени од градоначалниците инвестирани повеќе од 120 милиони евра
Скопје, 6 ноември 2022 (МИА) - Сите општини водени од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и сите граѓани, чувствуваат дека има новости, има разлика, проекти и инвестиции. За една година градоначалниците реализираа онолку колку што не е реализирано за претходните четири години, ова беа заклучоците на вториот воедно и последен ден од политичкиот саем на ВМРО-ДПМНЕ кој денеска се одржа под слоганот „Саем на промените што носат иднина“. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски патиштата што ги ветила Владата, сега ги прават градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. - Ветуваа дека ќе изградат над 600 километри автопат, 1000 километри регионални, но и илјадници локални патишта. Сега прашањето е дали даваат доволно средства кон општините за да се реализираат тие илјадници километри патишта. Самата Влада тоа не може да го направи, тие ветени илјадници локални патишта ги нема, ама затоа ги прават градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ или вие имате стотици километри локална патна инфраструктура, тоа е важно за да се реализира ветеното, рече Мисајловски повикувајќи ги градоначалниците да продолжат да градат и да даваат максимум како да дојдат до поголем буџет, рече Мисајловски. Генералниот секретат Ѓорѓија Сајкоски во своето обраќање пак, се осврна на важноста на функцијата градоначалник, како двигател на развојот на општината. - Сите општини водени од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и сите граѓани, чувствуваат дека во тие општини има новости, има разлика, проекти инвестиции. За година дена е реализирано онолку колку што не е реализирано за претходните четири години. Тргнавме и сме на прав пат. Преку градоначалниците кои се претставници на ВМРО-ДПМНЕ, преку вас се добива слика за партијата во средините од каде доаѓате, оцени Сајкоски обраќајќи се до градоначалниците. Партиската потпретседателка Гордана Димитриеска-Кочоска посочи дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ борејќи се со високите сметки се фокусирале точно таму каде што треба, односно тоа што им останало на располагање да го искористат за повторно тоа што го добиваат да го вратат на граѓаните низ најразлични проекти кои што се реализирани. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, за една година градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ покажале дека може да се работи повеќе и помотивирано во едни комплицирано услови и од политички и од финансиски аспект. Саемот го заокружи претседателот на партијата Христијан Мицкоски со изнесување на неговите заклучоци од работењето на градоначалниците. Мицкоски во обраќањето посочи дека ВМРО-ДПМНЕ покажува одлични резултати и во општините каде нема свои градоначалници, но учествува во локалната самоуправа и како примери ги посочи јавните претпријатија со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и Куманово. - Вреди да се напомене Тетово, тука го гледам директорот на ЈП „Градски паркинг“ во Тетово, кој компанијата ја наследи со стотици илјади евра долгови, неисплатени плати, за да луѓето кои се вработени таму сега велат дека не само што се исплатени и долговите и платите туку и се размислува за развој. Квалитетно однесување, иако таму немаме градоначалник, ни сме дел од локалната самоуправа и ги охрабрувам да продолжат. Во Куманово имаме директор на ЈП „Куманово гас“ и покрај сите предизвици со кои се соочуваме и ова јавно претпријатие бележи исклучителни резултати, нагласи Мицкоски. Тој констатираше дека ова е историски настан што за првпат се организира во земјава на кој „градоначалници избрани од народот даваа отчет за сработеното во изминатата година“. - Ова е историски настан, бидејќи првпат, за два дена се дава отчет на сработеното, со отворен гард, подготвени се сите да ги бранат своите дела, да кажат она што е сработено. Тоа нема да го видите од СДСМ. Помина една година и тие имаат неколкумина градоначалници, но тоа нема да го видите, нема да видите како се отворени кон граѓаните, како го презентираат тоа што е сработено, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е народна партија, ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, од тука го црпи својот легитимитет и само пред народот одговара. СДСМ, градоначалниците и функционерите се салонски политичари, не одговараат пред народот и нивниот крај доаѓа, истакна Мицкоски. Генералниот заклучок на учесниците на политичкиот саем беше дека повеќе од 120 милиони евра се инвестирани во општините од страна на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. свс/сп/

Остани поврзан