• понеделник, 23 декември 2024

Второ литургиско празнување на Свети Кирил Лешочки во Лешок

Второ литургиско празнување на Свети Кирил Лешочки во Лешок

Тетово, 25 март 2024 (МИА) – Во манастирскиот храм Свети Атанасиј во тетовски Лешок, денеска по втор пат се одбележа 25 март, ден посветен на светецот Свети Кирил Лешочки, за кој Светиот Архирејски Синод на МПЦ во 2022 година донесе одлука Кирил Пејчиновиќ да биде прогласен за светец..

– Беше отслужена Литургија на Претходно осветени дарови, на која чиноначалствуваше надлежниот архиереј митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, а во молитвено присуство на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г.Стефан. Верниот народ се причести со светите Тајни. На литургијата пееше хорот од средното богословско училиште св.Арсениј Сремски - Сремски Карловац, кој по повод манастирската слава допатува во манастирот предводен од својот ректор протоереј-ставрофор Јован Милановиќ, информираа од тетовско-гостиварската епархија.

Во својата беседа митрополитот г.Јосиф рече дека веќе втора година после канонизацијата, во верниците манастирот ги собира на молитва споменот на преподобниот светија Кирил Лешочки.

– Сите ние денес сме сведоци дека овој ден е значаен за овие предели, но и целокупно за Македонската црква во нејзината полнота, која го препозна светителскиот дух и лик на носителот на денешниот празник. Уште пред да биде канонизиран, генерации и генерации се просветлуваа од Кириловите дела напишани на разбирлив народен македонски јазик и доаѓаа во овој манастир да му се поклонат на неговото почивалиште. По канонизацијата, пак, од октомври 2022 година она што ме радува и што сакам да го споделам со вас е дека бројот на поклониците, кои се поклонуваат сега пред кивотот со светите моштите е уште поголем, а тоа е уште една потврда дека култот на нашиот денешен славеник е проширен и препознатлив кај верниот народ, истакна владиката г.Јосиф.

На 15 и 16 октомври 2022 за време на канонизацијата Светиот Архирејски Синод на МПЦ го определи 25 март како ден кога ќе се празнува светецот Кирил Лешочки. За новоканонизиранот светител е живописана икона и е напишано Житие, Акатист, Утрена и Вечерна Богослужба.

Кирил Пејчиновиќ е роден во Теарце во 1771 година, а почива во дворот од Лешочкиот манастирски комплекс. ас/ра/

Фото: Тетовско-гостиварската епархија

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан