• понеделник, 23 декември 2024

Врховниот суд на САД ќе одлучува за имунитетот на Трамп од кривично гонење

Врховниот суд на САД ќе одлучува за имунитетот на Трамп од кривично гонење

Вашингтон, 29 февруари 2024 (МИА) - Врховниот суд на САД вчера го прифати барањето да одлучува дали поранешниот претседател Доналд Трамп има имунитет од гонење под обвинение за обид за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Судот првпат одлучува да разгледува ваков случај, а од девет врховни судии, шест се конзервативци.

Тие ќе ги слушнат тврдењата на Трамп дека треба да биде заштитен од кривична одговорност, објави Би-Би-Си.

Американскиот специјален обвинител Џек Смит го обвини Трамп за заговор да се отфрли победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година, како и дека извршил измама за да остане на функцијата.

Судењето за тој случај првично беше закажано за 4 март, но беше одложено во очекување на одлуката за барањето за имунитет на Трамп.

Случајот уште еднаш го втурнува највисокото правосудно државно тело во изборната борба, бидејќи судиите мора да одлучат дали ќе ја поништат пресудата на највисокиот суд во Колорадо со која му забрануваше на Трамп да учествува на републиканските прелиминарни избори во државата врз основа на уставна одредба која поставува забрана за функционерите кои учествувале во бунт.

Судот соопшти дека ќе ги сослуша аргументите и ќе донесе одлука за барањето за имунитет на Трамп.

Рочиштето за случајот треба да започне околу 22 април, а ваквиот рок за расправа овозможува да се донесе одлука до крајот на редовниот мандат на судот во јуни.

Правното прашање за кое треба да одлучи судот е дали и до кој степен поранешниот претседател ужива имунитет од гонење за однесување кое наводно вклучувало учество во бунтот на неговите поддржувачи на 6 јануари 2021 година.

Судот во Вашингтон на почетокот на февруари пресуди дека Трамп може да биде кривично гонет под обвинение за заговор и обид за поништување на изборите во 2020 година. Трамп во големиот правен случај тврдеше дека е имун од кривични пријави, кои, како што тврдеше, се дел од неговите должности како претседател.

Обвинителите тврдеа дека Трамп дејствувал како кандидат, а не како претседател, кога вршел притисок врз функционерите да ги поништат изборните резултати и ги охрабрувал своите поддржувачи да го нападнат Капитол на 6 јануари 2021 година и вршел притисок врз Конгресот да не ја потврди победата на Џо Бајден. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан