• четврток, 26 декември 2024

Врнежите од јуни и јули ќе се одразат врз вториот турнус во градинарството, велат производителите

Врнежите од јуни и јули ќе се одразат врз вториот турнус во градинарството, велат производителите

Скопје, 25 јули 2023 (МИА) - Екстра квалитет, добар пласман и солидни цени, вака помина првиот годинашен турнус во градинарството, велат производителите. Но, вториот, што се очекува во август, се уште е неизвесен, пред се од аспект на приносот. Можно е честите поројни врнежи што ја зафатија земјава кон крајот на јуни и почетокот на јули, да се одразат врз квалитетот и да го намалат родот.

Покрај нестабилното време, земјоделците како многу посериозен и долгорочен го посочуваат проблемот со се помалиот број површини под градинарски култури. Како што истакнуваат, површините се преполовени, производството главно се сведува на зелка и индустриски пипер, а значително, речиси двојно, е намален и бројот на производители. 

-Задоволен сум од пласманот на првиот производен циклус, пиперот беше 60 - 70 денари, доматот во сезона одеше по 60 – 65 денари, додека розовиот домат ќе биде околу 50 денари. Во август се очекува вториот турнус, а какви ќе бидат цените ќе покаже времето. Стравувавме дека ако продолжат интензивните, поројни врнежи, ќе биде лошо. Тоа секако ќе се одрази врз квалитетот, посебно кај оние површини кои навреме не беа заштитени. Сепак, останува да видиме, вели Ристо Велков, земјоделец и претседател на Сојузот на синдикати на земјоделски производители.

Тој укажува дека поголем проблем од овој со временските услови е тоа што веќе, како што оценува, нема кој да работи.

-Нема веќе кој да работи, тоа е проблемот. Малку се сади. Површините се сигурно намалени за 40 проценти, а можеби и за 50 отсто. Интерес нема, посебно не за домат и краставица, зашто овие две култури бараат повеќе работа. Претежно се сади зелка и индустриски пипер, истакнува Велков. 

Според производителот и претседател на Потсекторската група градинарство Драги Памуков, во моментов речиси нема зеленчук во земјава. При крај се количините од првиот турнус домати, пипер, краставици. 

-Засега, конкретно годинава, најголем проблем беа поројните врнежи и невремето кое го зафати струмичкиот регион, но долгорочно, проблем е тоа што има се помал интерес кај земјоделците за градинарство. Повеќето од нив се иселуваат, работата е тешка, но не и доволно исплатлива. Ако пред три години во струмичката Подрачна единица на Министерството за земјоделство имаше 8 500 апликанти за поддршка, сега има околу 4 500. Бројот е преполовен. Земјоделците генерално си одат во странство, нагласува Памуков.

Временските услови се повеќе од посакувани за земјоделците, за почнување на подготовките на површините за претстојната есенска сеидба кои доцнат пред се поради недостигот на влага во почвата.

Негова оценка е дека првиот годинашен производен циклус имаше турбулентни ситуации, „кога долу, кога горе“. 

-Замрзнатите цени и целата таа наметната ситуација, доведоа до тоа да ги продаваме градинарските производи под производна цена. Ако  производната цена, на пример, на доматот беше 80 денари, ние го дававме за 60. Слично е и со  краставицата која беше во помал обем. На пиперот, пак, производната цена му е 40 денари, а сега се продава по 30 – 35 денари. Врнежите што зафатија одредени делови од државата повторно морам да ги спомнам зашто, секако, негативно ќе се одразат врз производството. Не само што ќе се намали квалитетот, туку можно е да се редуцираат и количините. На 5 јули имаше цунами во Струмичкиот регион, а земјоделците го извлекоа подебелиот крај. Кај пиперот може да дојде до сушење, но ајде да почекаме, па ќе видиме, објаснува Памуков.

Негова оценка е дека увозот не може да се запре, само може да се контролира. 

-Тоа е посебно изразено сега, со Отворен Балкан, кога границите практично се отворија. Годинава имаше повторно увоз на краставици од Албанија, но траеше кратко и не го наруши пазарот, вели Памуков. 

Пласманот на зеленчукот најмногу во Србија, БиХ и Хрватска, но се извезува и во Романија, Албанија, Грција, Турција, Полска,...

Во првите четири месеци од годината, до кога се и обработени статистичките податоци, во Србија се извезени 618 742 килограми домати, свежи и разладени, во вредност од 896 185 евра, а за Полска отишле 623 398 килограми од што се инкасирани 1 307 112 евра. Увоз, пак, е реализиран од Албанија, 512 434 килограми вредни 515 943 евра, од Грција 897 919 килограми или 414 736 евра, како и од Турција 2 332 997 килограми или 879 049 евра.

Во истиот период, од јануари заклучно со април, зелка и сличен зеленчук, свеж и разладен, се извезени во Србија 6 171 517 во вредност од 1 587 461 евра, Романија 10 181 363 килограми или 2 156 714 евра, Полска 9 696 286 килограми или 6 149 486 евра, БиХ 1 125 945 килограми или 407 447 евра, Хрватска 1 396 669 килограми или 870 862 евра, Молдавија 1 809 383 килограми или 942 589 евра, Бугарија 2 678 998 килограми или 944 804 евра, Австрија 697 052 килограми или 447 356 евра, Литванија 1 078 007 килограми или 722 490 евра, Латвија 812 676 килограми или 449 381 евра. 

Се извезувало и во Норвешка 398.745 килограми, на Косово 387.091, Украина  8 092 681, Словенија  411 526 и  Шведска 843 262 килограма, како и во Финска и Чешка.

Увоз на зелка и сличен зеленчук е регистриран од Албанија, вкупно 221 302 килограми во вредност од 105 352 евра.

Извозот на овошје и зеленчук во првите четири месеци од 2023 година изнесувал 89 828 890 килограми или 67 780 824 долари, додека увозот бил 56 925 243 килограми или 55 255 628 долари. Лани, во истиот овој период, извозот бил 101 834 784 килограми или 61 470 526 долари, а увозот изнесувал 61 287 119 или 50 476 044 долари. 

Податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство покажуваат дека до сега се увезени 13.083 пратки или 73 341 138 килограми зеленчук, овошје и преработки од овошје и зеленчук, а минатата година до овој период биле увезени 15 969 пратки или 136 695 355 килограми.

Исплатени 224,4 милиони денари поддршка за градинарските култури

На 30 јуни годинава Платежната агенција соопшти дека се исплатени близу 224,4 милиони денари за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети на 3 821 корисник.

Свежи органски домати, краставици, пиперки, рукола, зелка, компири, органски јаболков оцет, маџун и кашкавал, се само дел од палетата производи кои ќе може да се купат на првиот Пазар за орга

Висината на директните плаќања изнесува три денари по килограм за сите градинарски култури.

Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со градинарски култури и се корисници на подмерка 1.4 на оваа уредба, оствареното производство да е предадено во преработувачки капацитети за зеленчук директно или преку еден регистриран откупувач во период од 26 декември 2021 година до 25 декември 2022 година, вклучително и производените градинарски култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделските производи.

Мирјана Чакарова

фото: МИА архива, Ристо Велков

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан