Времен режим на сообраќај заради санирање на мостот на Маркова Река во Драчево
- Заради реализација на проектот за целосно санирање на оштетувањето на мостот на Маркова Река во населбата Драчево, на овој потег викендов ќе биде воведен времен режим на сообраќај.
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА) – Заради реализација на проектот за целосно санирање на оштетувањето на мостот на Маркова Река во населбата Драчево, на овој потег викендов ќе биде воведен времен режим на сообраќај.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), викендов оштетувањето на мостот ќе се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, што ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа после реконструкцијата на коловозната плоча.
-Санацијата е планирано да се заврши за два дена и од таа причина се бара период со минимална фреквенција на мостот. Во период од 20-тина часа, сообраќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10 километри на час, е наведено во соопштението.
Времениот сообраќаен режим на овој потег ќе важи до завршување на градежните активности за санација на оштетувањата.свс/вј/