• среда, 25 декември 2024

Вредноста на уништениот систем за прислушување „Најс“ е 1.4 милиони евра

Вредноста на уништениот систем за прислушување „Најс“ е 1.4 милиони евра
Скопје, 26 јануари 2021 (МИА) - Судскиот предмет „Таргет-Тврдина“ денеска продолжи со дополнение на доказна постапка. Во судот свој исказ на денешното рочиште даде вештото лице Ѕвонко Кочовски, кој истакна дека во моментот на ништење на системот за прислушување „Најс“ неговата вредност била 1.4 милиони евра. Одбраната на обвинетите реагираше дека дирекното испрашувањето на овој вештак е преседан во правото од причина дека својот исказ го даде по предлог на судот. Ставот на обвинителството беше дека во однос на ова прашање е воспоставена судска пракса во предметот „Тенк“, и дека не станува за преседан во правото. Одбраната на обвинетата Гордана Јанкуловска, во своите вкрстени прашања побара појаснување од вештакот Кочовски, зошто не е направена анализа на вредноста на хардверот, софтверот и лиценците на системот за прислушување. - Немаше потреба бидејќи тоа беше направено од колегата за технички науки. Јас сум вештак од финансиско работење, немаше потреба да се дели системот на делови. Станува збор за неделив систем, споен, изјави вештакот Кочовски. На минатото рочиште обвинителството  презентираше дополнителни докази, со кои тврдеа дека незаконски се прислушувало надвор од УБК. Со цел аргументирање на ова тврдење обвинителството презентираше вештачење од одземениот компјутер на обвинетиот Горан Грујоски, кој моментално е во бегство. Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.  оџ/аа/

Остани поврзан