• среда, 25 декември 2024

Враќање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан, тема на вториот ден на Преспа форумот за дијалог

Враќање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан, тема на вториот ден на Преспа форумот за дијалог
Охрид, 2 јули 2021 (МИА) -  Трансатлантските врски и враќањето на синергијата меѓу Европската Унија и САД во однос на Западниот Балкан ќе биде темата на панелот на високо ниво, кој ќе се одржи денеска во Охрид на вториот ден на Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог. „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ е насловот на панелот, кој ќе го отвори шефот на државата Стево Пендаровски, а потоа свои обраќања меѓу другите ќе имаат имаат претседателите на Црна Гора и Словенија, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, еврокомесарот Јоханес Хан. На овој панел е предвидено и учество на премиерот Зоран Заев, премиерите на Србија, Косово и Албанија, Ана Брнабиќ, Албин Курти и Еди Рама, а ќе се обратат и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, шефот на полската дипломатија Збигњев Рау, австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу. Конференцијата, низ различни предвидени содржини и панели го обработува Западниот Балкан низ призмата на помирувањето и градењето на доверба меѓу нашите народи, низ призмата на трансатлантските релации, преку економската соработка, конекциите со цивилното општество и медиумите, родовиот сензибилитет за овие важни процеси. Силна поддршка за почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија, но и интеграција на регионот во Унијата произлезе од вчерашните панели и дискусии од страна на високите американски и европски претставници. Истовремено со поддршката беа повторени и разочарувањата, што овие две земји на јунскиот самит на Унијата не добија зелено светло за почеток на преговорите, поради спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Учесниците го потенцираа значењето на интеграцијата во Унијата како процес кој ќе обезбеди траен мир и стабилност и ќе биде брана за евентуални влијанија на трети страни во регионот, кој не може да биде ништо друго освен европски. Пораки пристигнаа од Рикер, Палмер, германскиот министер за Европа, Рот, европратеници, генерални секретари на меѓународни организации, сите посочувајќи го примерот на Договорот од Преспа, како модел за решавање на спорови, кој може да биде патоказ и за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, но и значењето на Охридскиот рамковен договор како основа мултиетничкиот карактер на земјава. Рикер со порака дека САД стојат зад Северна Македонија како сојузник и како пријател. -Меѓународната заедница го препознава значајниот напредок што го направи Северна Македонија и храброста да се постигнат овие решенија. Уште многу работа останува да се направи и отворањето на преговорите со Европската Унија е почеток на процесот што ќе налага натамошна посветеност, истакна тој синоќа во Охрид. Нагласи дека САД, претседателот Бајден, државниот секрертар Блинкен - сите се уверени дека Северна Македонија може и ќе ги направи неопходните чекори, како што е продолжување на реформите, зајакнување на владеење на правото, борбата против корупцијата, зголемување на транспарентноста за да гарантира попросперитетна иднина за нејзините граѓани, како и зајакнување на стабилноста на регионот. Тој оцени дека Преспанскиот договор барал голема дипломатска храброст на лидерите на Северна Македонија и на Грција и ги поставил стандардите за остатокот од регионот како мирно да се решаваат големи конфликти преку дијалог. -Тоа на сите нас ни потврди дека лидерите од Западен Балкан се дораснати на предизвикот – а тоа е дека размислувањето за иднината ги отвори вратите на НАТО и поради тоа САД, и јас лично, бев горд што соопштив дека Северна Македонија е членка на НАТО минатата година. Преспанскиот договор донесе конкретни предности и на Северна Македонија и на Грција, внесувајќи ја Северна Македонија во најголемата Алијанса, а исто така реафирмирајќи ја посветеноста на Грција кон Западен Балкан, продолжувајќи ја нашата заедниочка цел – а тоа е да ја донесеме Северна Македонија поблизу до членство во ЕУ, рече Рикер. Разочараност поради повторната блокада за Северна Македонија, но и за Албанија и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери изрази вчера заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер. Тој нагласи оти сето ова влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион. – Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба, истакна Палмер. Тој ја подлече важноста на историскиот Договор од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, за коишто посочи дека се примери за поголем регионален ангажман на Северна Македонија во корист на нејзините граѓаните. Палмер се осврна за улогата на САД во регионот, истакнувајќи дека долгогодишна визија на САД во регионот била и ќе остане фокусирана на регион во мир со себе и со соседите, регионот којшто е стабилен, проспетитетен и интегриран во евроатлатнската рамка. Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот на учесниците им се обрати преку видео-конференциска врска, потенцирајќи дека граѓанското општество треба да игра активна улога во домашните и регионалните процеси, особено во процесот на евроинтеграцијата и тука тие треба да бидат особено ангажирани, особено во политичките и економските процеси. Рот потенцира дека билатералните прашања, како актуелното со Северна Македонија и Бугарија не треба да бидат препрека за интегративниот процес. – Искрено жалам што на Советот на ЕУ не се донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија заради ставот на една држава, рече Рот. Учесниците на Конференцијата и домашните и странските сега надежите за почеток на преговори, засновани врз португалскиот предлог ги полагаат во словенечкото претседателство со Унијата, а шефот на словенечката дипломатија Анже Логар, чија држава од вчера и официјално стана претседавач преку видео порака порача дека проширувањето на ЕУ со балканските држави останува приоритет за Словенија како претседавач. – Проширувањето не е техничко, туку клучно, врвно геостратешко прашање, прашање што бара внимание, амбиција и политичка волја на сите чинители за остварување на заедничките цели – цврста и силна Европа. Словенија сака брз старт на процесот на проширување. Ако Европа сака да биде целосна и слободна, тогаш земјите од регионот мора да бидат ислушани со инклузивен пристап. Отсуството стратешки решенија за регионот го остава авионот без пилот, остава простор за други геостратешки играчи да го остварат своето влијание, рече Логар. Тој порача дека во сржта на словенечкото претседателство со ЕУ се и безбедноста и мирот и додаде дека сето ова мора да се дискутира на највисоко ниво. Додаде дека во таа насока го организираат и Самит ЕУ-Западен Балкан, бидејќи успехот на регионот зависи од сите актери кои се вклучени во процесот. Високите македонски претставници на различни панели и дискусии го потенцираа значењето на дијалогот во градење на доверба и во решавање на спорови, посочувајќи го примерот на Договорот од Преспа, како успешна приказна. Премиерот Зоран Заев се осврна на напорите кои Северна Македонија и Грција ги презедоа за решавање на речиси тридеценискиот спор со името, кои резултираа со решение, за кое, како што рече, не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. -Од денешна перспектива јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која до тогаш не беше позната. Оние кои беа проблем одеднаш, и без булдожер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем. Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно. Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, истакна Заев. Со Договорот од Преспа, како што посочи премиерот на светот му се понуди еден нов Балкан, европски, кој покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет. -Сите недоразбирања, отворени прашања треба да се решават со визија кон иднината, со заеднички прифатливи решенија и на мирен начин, што значи базирани врз меѓународното право, истакна вчера поранешниот претседател на Владата на Грција, Алексис Ципрас. Ципрас од говорницата испрати порака до Бугарија со охрабрување да направи исчекор напред. – Знам многу добро колку е тешко да најдеш решение и излез од чувствителни прашања, но неопходно е тоа да го направи за да се отвори процесот. Неопходно е Бугарија да испрати пораката дека дел од иднината на Балканот, европскиот Балкан што можеме и треба да го градиме заедно, а не еден спроти друг…истакна тој, притоа повикувајќи на обнова и на дијалогот меѓу Приштина и Белград. Вицепремиерот за европско прашања, Никола Димитров, кој пред три години како министер за надворешни работи стави потпис на Преспанскиот договор, со порака дека сега е време оние големи зборови што ги доби Договорот, како инспирација за регионот, како голем успех за Европа, како триумф на дипломатијата да се преточат во конкретни чекори. -Не само за нашите две држави, туку и на целиот регион дали вреди да се инвестира политички капитал, кога се потпирате на европските ветувања. Многу често слушаме: вие испорачајте, ние ќе испорачаме. Ние испорачавме, одговорноста е сега ЕУ да испорача без разлика што тоа е сложен организам од 27 земји-членки, меѓутоа мора да најде начин да испорача бидејќи е опасно кога зборовите ќе останат празни. Според него, прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувавање на европскиот идентитет, токму на вредностите за кои ЕУ треба да ги предводи. – ЕУ не е само економски гигант, туку водечки пример во наративот на вредности. Преку Лисабонскиот договор државите-членки на Унијата се обврзаа да ги штитат и негуваат јазичните и културните различности на контитентот, така што не е европски ние сега да се соочуваме со пречка што досега беше третирана како прашање од техничка природа, рече тој. Притоа Димитров посочи дека природно е овој дел на Европа да биде дел од ЕУ оттаму што припаѓа тука и географски, економски, историски, политички. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера истакна дека водењето дијалог без доверба не испорачува посакувани резултати, дури и кога се чини дека дијалогот е успешен. Османи нагласи дека со Република Бугарија имавме успешен дијалог крунисан со Договор потпишан во 2017 година, кој е одлична рамка за унапредување на односите. – Не постои договор, ниту експерт, правник или политиколот што може да изработи одредби од договор чиј успех не зависи од довербата на двете страни. Тоа е суштинско значење, клуч за успех на каков било договор. Преспанскиот договор претставува пример, признаен модел на решавање проблеми и помирување преку активен дијалог, а притоа ја нагласува довербата на страните. Недовербата креира средина на скептицизам, состојба што ги урнисува билатералните односи меѓу земјите и сите напори за постигнување напредок во сите области, рече Османи. Истакна дека во услови државите од регионот напорно работат за исполнување сложени реформи, целта мора да е јасна, нема дилема дека големо е разочарувањето кога не се вреднуваат напорите за достигнување на европските критериуми. – Доколку не се валоризираат напорите на оние кои имаат амбиции да ги исполнат критериумите, постои опасност од прелевање на разочарувањето низ регионот, а напорите за изнаоѓање решенија стануваат контрапродуктивни, рече Османи. На конференцијата се обрати и собранискиот спикер Талат Џафери, кој посочи дека и Охридскиот договор, како ефикасен инструмент за демократизација на земјата, одржувајќи го етничкиот баланс во донесувањето на политичките одлуки со консензус, и Договорот од Преспа, кој што го деблокираше патот на чекорењето кон евроатлантските интеграции во пракса се потврдија како успешни модели кои можат да се присвојат и спроведат и од другите држави, особено оние во регионот кои имаат слични меѓуетнички проблеми. -Се надевам дека Договорот потпишан со Република Бугарија за пријателство, добрососедство и соработка ќе биде ваков модел и набрзо, со позитивно рефлектирање на Република Бугарија ќе се овозможи и првата меѓувладина конференција Република Северна Македонија – Европска Унија, што ќе го одбележи и отворањето на преговорите за нашето полноправно членство во европското семејство, таму каде што и ни е местото, порача Џафери. На Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” учестват  околу 300 учесници, високи домашни претставници, високи претставници на Европа и САД, претседатели, премиери, министри за надворешни работи, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари. Во основата на Преспа форум дијалог се наоѓаат три столба: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа, врз кои почива современиот политички и општествен наратив на земјава, кој, пак преставува одличен автентичен модел за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста, демократијата овде на Балканот.

Османи, како домаќин на Конференцијата, синоќа ставајќи ги во една синергија Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за пријателство со Бугарија истакна дека првиот донел внатрешна кохезија во земјата, Преспанскиот отворил ново поглавје на пријателството со нашите соседи и ставил крај на речиси триесетгодишната разлика, а тука секако, како што рече доаѓа и Договорот за пријателство со Република Бугарија.

-Ова се трите пресвртници на нашиот пат кон градење на модерна, демократска држава, Република Северна Македонија. Заеднички именител на трите договори е тоа што тие се постигнати преку дијалог. Тие ја презентираат нашата автентична приказна и служат како инспирација за воспоставување на Преспа Форумот за дијалог, како платформа за унапредување на помирувањето, градење доверба и политички дијалог, порача вчера Османи. ац/са/

 

Остани поврзан