• понеделник, 18 ноември 2024

Врачени највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата

Врачени највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата

Струга, 25 август 2022 (МИА) - Жан Пјер Симеон, француски поет, драматург и есеист вечерва на Мостот на поезијата во Струга го прими највисокото признание „Златен венец“ за 2024 на Меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата. 

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова за книгата „Небото ми е дома“ и „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант на германската писателка Катрин Пиц за нејзината поетска книга „Вакви денови имало отсекогаш“. Годинава прв пат беше врачена и наградата „Млада Струга“ за необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант за 2024 година на Филипа Сара Попова, што ја доделува националата установа „Струшки вечери на поезијата“ со поддршка на делегацијата на Европската унија.

Изразувајќи благодарност за честа што е добитник на највисокото признание „Златен венец“, лауреатот Симеон во името на сите поети се заблагодари, за како што рече, оваа прекрасна песна од планини, шуми и езера во Македонија, кои ја држат високо крената светилката на поезијата.

- Ако песната е срцето на животот што бие, Струга во срцето на милениумската Европа е срцето на поезијата што бие. Струшките вечери на поезијата се мугрите на срцето и на духот, рече Симеон, по добивањето на признанието.

Покрај добитниците на фестивалските признанија на поетскиот митинг стихови читаа и поети од разни страни на светот, а поетска Струга по 63. блесна во сиот свој сјај.

Годинашното мото на Струшките вечери на поезијата е „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку неговата тактилност и рељефност со допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата. Прв пат на манифестацијата Константиновата Т`га за југ на свеченото отворање беше прочитана на Брајово писмо од слепо лице.

Манифестацијата почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата. сс/лв/

фото:СВП 

 

 

Остани поврзан