• понеделник, 23 декември 2024

Вработени од Охридскиот аеродром го чистеа брегот на Охридското Езеро

Вработени од Охридскиот аеродром го чистеа брегот на Охридското Езеро

Охрид, 20 јуни 2024 (МИА) - Под слоганот „Чистиме денес, за одржливо утре“, вработени во Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денеска реализираа акција за чистење долж брегот на Охридското Езеро, приклучувајќи се кон одбележувањето на Денот на Охридско Езеро - 21 јуни.

Акцијата, како што соопшти ТАВ Македонија, почнала од пешачката патека „Лабино“, преку вливот на реката Грашница во езерото, кон плажата Магнус и вливот на реката Даљан, во должина од околу еден километар.

- Оваа иницијатива ја одразува посветеноста на ТАВ Аеродроми за позитивно влијание во заедниците каде што работиме. Во соработка со локалните чинители и Општина Охрид, како и со нашите колективни напори, имаме за цел да помогнеме во зачувување на убавината на Охридското Езеро и промовирање на култура на еколошка свест, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

По завршувањето на акцијата, според соопштението, Јавното комунално претпријатие од Охрид ги презело вреќите со собраниот отпад за соодветно одложување.

- Охридското Езеро, дел од светското наследство на УНЕСКО, познато по својата природна убавина и еколошко значење, има посебно место во срцата и на локалното население и на посетителите. Препознавајќи ја важноста од зачувувањето на ова природно богатство, ТАВ Македонија ги мобилизира своите ресурси за да иницира сеопфатен обид за чистење и да ја промовира еколошката свест, еден ден пред Денот на Охридското Езеро, посочуваат од ТАВ Македонија.

Иницијативата за чистење, како што посочуваат, е дел од пошироката корпоративна општествено одговорна програма на ТАВ Аеродроми, која се фокусира на иницијативи кои промовираат одржливост на животната средина, развој на заедницата и социјална благосостојба. сс/сст/

Фото ТАВ Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан