• петок, 05 декември 2025

Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“,„Флораком“ и „Луна“ протестираа, ако не се исплати плата, од утре повторно на протест

Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“,„Флораком“ и „Луна“ протестираа, ако не се исплати плата, од утре повторно на протест

Скопје, 29 септември 2025 (МИА) - Вработените од  ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје и од друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми-ќерки на ова претпријатие, денеска излегоа на протест и два часа го блокираа булеварот „Илинден“ поради нередовна исплата на плати и неисплата на додатоци на плати. Вработените веќе две недели ја немаат земено августовската плата, која законски требаше да биде исплатена до 15 септември, изјави денеска претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски.

Тој информира дека како вработени и како синдикати се доведени во ситуција своите права или основното право на плата да го остваруваат, односно, како што рече, да се бориме за плата преку блокирање на булеварите во Скопје. - Ние како вработени во овие фирми сме загрижени бидејќи денес сме 29 септември, доколку не се исплати плата за август, веќе за два дена вработените ќе останат без здравствено осигурување, а голем дел имаат потреба за лекови и редовна терапија за хронично болни. Ние дадовме рок денес до 12 часот да биде исплатена платата за август. Ако не биде исплатена, ние и утре, задутре и се до исплаќање на платата за август своето незадоволство од непочитување на законите и колективните договори ќе го изразиме со организирање протест на ова место и на овој булевар, од 10 до 12 часот, истакна Кашиковски.

Изрази надеж дека ќе наидат на разбирање од менаџметот на „Паркови и зеленило“, кое е одговорно за платите во овие три фирми и дека таа ќе биде исплатена. - Од Советот на Град Скопје пред околу месец и половина беа изгласани субвенции во износ од 80 милиони денари, но денес ни потврдија дека и покрај извршената работа на вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје за одржување на градското зеленило и покрај доставените фактури со кои може да се исплатат овие пари од Град Скопје, тие не се исплатени, не се префрлени на сметката на „Паркови и зеленило“ и поради тоа вработените останаа без плата. Ние како синдикат и дел од стручниот кадар во ЈП „Паркови и зеленило“ во наредните  десетина дена ќе излеземе со еден предлог како во иднина да се финансира ова јавно препријатие. Овој начин на финансирање гледаме дека не е издржлив и нема средства за исплата на основните работи кои ги вршат вработените во овие три фирми и ќе изготвиме еден документ кој ќе го доставиме до сите кандидати за градоначалник на Град Скопје кои ќе излезат на изборите во октомври, подвлече Кашиковски. Додаде дека во нашето соседство има добри примери како би се финансирало ова претпријатие и порача да се пресликаат тие решенија кај нас.

Претседателот на гранскиот синдикат Независен синдикат на државна администрација Горан Ристески изјави дека денес повторно се собрани пред ЈП „Паркови и зеленило“,„Флораком“ и „Луна“ со цел, како што рече, да искажеме револт од непочитување на закон. - Согласно Закон за работни односи, на вработените им следува плата за која не треба да молат, туку таа треба да се исплати согласно закон, до 15 во месецот. Сега сме 29 септември, а се уште немаат плата вработените во овие три фирми -  „Паркови и зеленило“,„Флораком“ и „Луна“. Но, не е само тоа. Имаме и обврски согласно закон и колективен договор, треба да им се исплати отпремнина за оние што одат во пензија, регрес, К-15, јубилејни награди. Воопшто досега не им се исплатени овие додатоци на плата, не сега од оваа постава, туку историски наназад од кога постојат „Паркови и зеленило“,„Флораком“ и „Луна“, појасни Ристески. 

Потсети дека минатиот протест што го организирале бил маршовски до канцеларијата на градоначалничката на Град Скопје која, како што рече, не повика да се обратиме до институцијата која е одговорна за да им исплати плата и додатоци на плата. - Град Скопје, Собрание на Град Скопје ја има формирано оваа фирма и нејзините ќерки ,„Флораком“ и „Луна“, Град Скопје е должен да обезбеди средства за плата бидејќи „Флораком“ и „Паркови и зеленило“ не се фирми кои реализираат приход. Граѓаните на Скопје со плаќање даноци и комуналии бараат ефикасност во работата на „Паркови и зеленило“,„Флораком“ и „Луна“, а јавното претпријатие мора да испорача услуги. Вработените во овие услужни претпријатија бараат соодветна плата на трудот што го вложиле не само овој месец, минатиот, туку и наназад, рече Ристески. 

Прашан дали овој протест има политичка позадина, Ристески рече дека уште пред да почне кампањата за локалните избори почнале со протести, со начин на комуникација, имале комуникација со раководството на ЈП „Паркови и зеленило“, каде потпишале Спогодба и Колективен договор. - Значи имавме општење. Сега, неколку пати се обративме и до ЈП „Паркови и зеленило“ и до Град Скопје со цел да бараме прием и да го решиме ова на достоинствен начин бидејќи се се решава на маса. Секој конфликт се решава на маса. Отсуство на дијалог е проблем, конфликт, вели Ристески. Додаде дека како независен синдикат се аполитички и оти дејствуваат согласно закон, Закон за работни односи и Статут на синдикат и бараат плата. Последна комуникација со надлежните имале пред еден месец и десетина дена, каде укажале дека треба на време да се исплаќа плата и додатоци на плата. 

Претседателот на синдикална организација Независен синдикат на „Паркови и зеленило“ Атанас Ѓорѓиевски појасни дека над 700 вработени не земале плата. Подвлече дека сакаат да дознае јавноста дека имаат потешкотии и во условите за работа и за земање плата и оти не знае каков ќе биде одговор од надлежните. мд/са/

Фото: МИА 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан