• сабота, 23 ноември 2024

Во Kривичен завршни зборови на одбраната во „Ласкарци“

Во Kривичен завршни зборови на одбраната во „Ласкарци“

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) – Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да се одржат завршни зборови на обвинетите во случајот „Ласкарци“. Завршни зборови на изминатата расправа даде јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, и бранителите на првообвинетиот, сопственик на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули.

На денешната расправа е предвидено завршни зборови да даде одбраната на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и одбраната на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, кои се товарат за соучество во истото дело.

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски во завршните зборови на минатата расправа побара најстрога казна за обвинетите за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.

Тој истакна дека изведените докази во текот на расправата, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 лица кои загинаа.

- Постои цел корпус на безбедносни задолженија и обврски кои овие обвинети во континуитет не ги почитувале. Останува само овие пропусти да бидат казнети, рече тој.

Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа.

Бранителите на првообвинетиот во случајот „Ласкарци“, во завршните зборови наведоа дека во постапката не се долажало ниту едно дејствие за кое е обвинет сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ , Дурмиш Белули, во чиј автобус во незгодата што се случи во февруари 2019 година загина 16 лица, а над 30 беа повредени.

Адвокатот Дељо Кадиев, во завршниот збор наведе дека гледано од самиот почеток на овој предмет, сѐ до неговиот крај, станува збор за обвинение кое тешко може да го понесе товарот на докажување.  

- Обвинение кое оди во крајност и сакаше вината да ја најде и кај возачот и кај други лица кои требало да обезбедат исправност на автобусот. Обвинение, кое уште на самиот почеток беше невозможно целосно да се докаже, бидејќи е логично ако возачот е крив или несреќата настанала како резултат на негово невнимание, никој друг не треба да биде крив. Или, пак, ако несреќата е резултат на неисправност на автобусот, тогаш барем возачот не требало да биде обвинет, изјави Кадиев.  

Според адвокатот Лавдрим Сефери, исто така бранител на првообвинетиот, јавното обвинителство не докажало што точно се случило на денот на несреќата. 

- Не знаеме што се случи поради едноставна причина, тој што беше задолжен сите овие патници да ги однесе кај своите семејства во Гостивар, процени дека неговата слобода е поважна од останатите загинати и повредни патници и одлучи да се брани со молчење, рече тој.

Обвинетиот Дурмиш Белули во завршниот збор изрази сочувство на семејствата на загинатите и истакна дека жали за тоа што се случи.

- Мојот живот веќе нема смисла, јас сум душевно скршен и потресен затоа што болката  е многу голема. Од судбината бегање нема, се случи несреќа, трагедија, рече тој.

Белули посочи дека е заинтересиран која била причината за несреќата и го повика шестообвинетиот, возач на автобусот, кој се брани со молчење да излезе, и, како што рече „да ја каже вистината“.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години. 

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска. ар/лв/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан