• петок, 05 декември 2025

Во Штип, Пробиштип и Свети Николе одбележан празникот 11 Октомври

Во Штип, Пробиштип и Свети Николе одбележан празникот 11 Октомври

Штип, 11 октомври 2025 (МИА) - Со положување на цвеќе пред Споменикот на борците на тврдината Исар во Штип, претставници од локалната самоуправа, делегации на државни и локални институции и на политички партии денеска се одбележа 11 Октомври - Денот на народното востание на Македонија.

Претседателот на Општинската организција на Сојузот на борци - Штип, Петар Мицевски им го честита празникот на целиот македони народ.

-Наша обврска и одговорност е да ја браниме земјата, како и придобивките од Народно ослободителната борба, рече Мицевски.

И во општините Свети Николе и Пробиштип се одбележува Денот на народното востание на Македонија. Актуелниот градоначалник на Општина Пробиштип, Драган Анастасов истакна дека 11 Октомври е ден кога македонскиот народ покажа дека слободата нема цена.

-Денес се потсетуваме на храброста и жртвата на нашите предци кои го започнаа патот кон слободата и достоинството. Да ја продолжиме таа борба денес – со обединување, со почит и со заедничка желба да изградиме посилен и поубав Пробиштип и посилна Македонија. Нивната жртва нека ни биде потсетник дека и денес се бориме – не со оружје, туку со работа, искреност и визија за подобра иднина, вели Анастасов.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев истакна дека овој датум означува уште еден почеток на борбата за ослободување и самобитност на македонскиот народ.

-На 11 Октомври е поставен уште еден од темелите на македонската државност. Партизанското движење го оствари стремежот на сите претходни генерации за достигнување на победата и слободата на македонскиот народ. Празнувајќи го овој ден, им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото и антифашистичко востание, кои ги вградија животите за денешната слобода, рече Владев. вдј/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан