Во Штип „Велигденски хепенинг“
- Општина Штип и ЈП „Исар“ по вторпат за најмалите организираат „Велигденски хепенинг“. Во ЗОО паркот имаше манифестација со многу музика и игра, како и настап на дечињата од детските градинки во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов порача дека со оваа манифестација сакаат да ги спојат сите граѓаните, од најмлади до возрасните.

Штип, 15 април 2023 (МИА) - Општина Штип и ЈП „Исар“ по вторпат за најмалите организираат „Велигденски хепенинг“. Во ЗОО паркот имаше манифестација со многу музика и игра, како и настап на дечињата од детските градинки во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов порача дека со оваа манифестација сакаат да ги спојат сите граѓаните, од најмлади до возрасните.
-Организираме „Велигденски хепенинг“ со најразлични содржини за најмладите наши дечиња, за дечињата од градинките, заедно со Веселото штурче. Прекрасна манифестација, прекрасен настан, ова е место коешто нѐ спојува сите нас од најмладите до највозрасните. Нудиме различна програма и на најдобар начин сакаме да им го честитаме големиот христијански празник Велигден на сите наши сограѓани со желба за многу радост, бериќет, успех во секое семејство и во нашиот град Штип, изјави Јорданов.
Триесет и осум дечиња се натпреваруваа и со различни бои и техники украсуваа велигденски јајца. На крајот на манифестацијата се избираше и најубаво украсеното јајце.
Манифестацијата беше можност за сите генерации да уживаат во ЗОО Паркот „Бриони“, каде во изминатиов период се поставени нови детски играчки, а Зоолошката градина има и нови животни.
-Изминатиот месец имавме најразлични активности со цел уредување на ЗОО Паркот „Бриони“. Еден дел којшто беше неискористен го уредивме и сега имаме поставено мултифункционални детски играчки за да се радуваат и да си играат нашите најмали и најмили посетители, дечињата. Исто така, имаме нови жители во Зоолошката градина, имаме мајмун, морски прасиња, а го зголемивме и бројот на пауните коишто се симбол на овој парк „Бриони“, рече Трајан Коцев, директор на ЈП „Исар“. вдј/вј/
Фото: МИА