• сабота, 23 ноември 2024

Во штипска Автокоманда асфалтирани три пристапни улици до зградите

Во штипска Автокоманда асфалтирани три пристапни улици до зградите

Штип, 3 октомври 2023 (МИА) - Асфалтирани се три пристапни улици до станбените згради во штипската населба Автокоманда. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска изврши увид во градежните активности и посочи дека ова е долгогодишно барање на жителите бидејќи овие улици не се реконструирани повеќе децении.

-Во изминатите денови се работеше на подготовка за нанесување асфалтна маса на неколку пристапни улици до влезовите од станбените згради во оваа населба. Денеска се нанесува асфалтната маса, три пристапни улици се опфатени, а барањето е долгогодишно, затоа што овие згради се од минатиот век. Оттогаш, па до денес пристапните улици се оштетени и денес, конечно, се уредуваат согласно со барањето и потребите на граѓаните, вели Јорданов.

Тој најави и дека заедно со ЈП „Исар“ ќе го уредат просторот за зеленило околу зградите. Ќе се постават клупи, урбана опрема, а ќе се одржува и уредува за помодерен лик. Во оваа штипска населба остануваат уште неколку улици за реконструкција.

-По завршување на овие активности, во населбата Автокоманда ќе останат уште неколку улици коишто се во план да бидат реконструирани. Главен приоритет е улицата „Широк дол“, каде што треба да се заврши промената на водоводната и канализациска линија, а потоа и асфалтирање, исто така и улицата „Цвета Јованова“, како и „4 Јули“, која исто така е во рамки на оваа населба, а има потреба од промена на подземната инфраструктура. Дел од овие улици ќе бидат завршени до крајот на оваа година, други на почетокот на следната и очекувам со овие три улици населбата да биде целосно реконструирана, рече Јорданов.

Општина Штип за реконструкција на трите улици инвестираше околу еден милион денари, а средствата се обезбедени преку Програмата за уредување на градежно земјиште. вдј/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан