• понеделник, 16 декември 2024

Во црквата „Света Софија“ во Охрид започна одбележувањето на Денот на сесловенските просветители

Во црквата „Света Софија“ во Охрид започна одбележувањето на Денот на сесловенските просветители

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Во црквата „Света Софија“ во Охрид вечерва започна одбележувањето на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.

На настанот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пратеници и други личности од јавниот живот. 

-Прекрасна изведба на гудачкиот ансамбл „Антео“ на вечерашниот концерт во автентичниот амбиент на црквата „Света Софија“ во Охрид, со кој почнува дводневното одбележување на Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, 24 Мај. Благодарност до ансамблот „Антео“ за нивната виртуозност, професионализам и изведбата полна жар и страст и со разновидна ритмика и впечатливи мелодии, напиша Ковачевски на Фејсбук.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше на вечерниот прием во црквата „Св. Софија” во Охрид, на покана на претседателот на Владата Ковачевски.

Во пресрет на Денот, Владата годинава организира дводневно свечено одбележување на државниот празник, под мотото „Писмото е нашиот универзум“. Свеченото одбележување на празникот започна денеска, во Охрид - колевката на словенската писменост.

-Оддаваме должна почит на непроценливата просветителска мисија на Светите Кирил и Методиј, со која ги поставија основите на сесловенската писменост и која е инспирација сите следни генерации. Нивното дело живее и денес. Македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, денес е целосно заштитен, признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во ОН и во Европската Унија и како таков тој е признат и почитуван во светот, на што сме особено горди. Денес, како резултат на тешките, но храбри одлуки кои ги донесовме, вратите се ширум отворени и за активна промоција, но и за развој на македонскиот јазик и култура, посочуваат од Владата.

По повод државниот празник, утре во Охрид ќе се одржи панел-дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет" на која воведен збор ќе има премиерот Ковачевски, по што ќе се положи цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј. Напладне во Плаошник ќе се одржи централната свеченост на која обраќање ќе има премиерот Ковачевски. мс/ев/

фото: Фејсбук/Димитар Ковачевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан