• понеделник, 23 декември 2024

Во Управниот суд промовиран системот за аудио и видео снимање на судски расправи (видео)

Во Управниот суд промовиран системот за аудио и видео снимање на судски расправи (видео)

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Во просториите на Управниот суд денеска беше промовиран системот за аудио и видео снимање на судски расправи „SRS Femida и Femida True Records”.

На прес - конференцијата по промоцијата на системот,  претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, истакна дека ова ќе овозможи поефикасно, поефективно и потранспаретнно правораздавање во судниците.

- Надоградените нови технологии гарантираат точни записници на судските рочишта и овозможуваат да се стави крај на противречностите што се кажало или не во судница, рече тој.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, сподели дека граѓаните заслужуваат да имаат точен и целосен запис од расправата.

-Не е важно расправата во кој суд се одржува и кој е основот на предметот, снимањето треба да се случува со сите судови, потенцираше таа. Според неа, имплементацијата на овој систем е еден од чекорите за враќање на довербата во судството кај граѓаните.

Министерот за правда, Игор Филков, сподели дека иако оваа обврска нормативно правно е уредена во законите од 2010 година, цели 14 години подоцна, дури во 2024 година, ќе се применува во Управниот суд.

-Опремата за тонско снимање во Управниот суд се инсталира денеска. Да не губиме уште 14 години и да не чекаме пресуди од ЕСЧП кои ќе наложуваат да ги применуваме стандардите за фер судење, рече тој.

Дополни дека со оглед дека веќе нема оправдување за непостоење на технологија за тонско снимање, со фактот што сите судови се опремени, како што рече,  убеден е дека во наредните 15 дена системот ќе се применува насекаде. ар/ев/

ФОТО/Видео: МИА 

 

Остани поврзан