• петок, 20 декември 2024

Во Тетово одбележани 30 години партнерство со УСАИД

Во Тетово одбележани 30 години партнерство со УСАИД
Тетово, 19 октомври 2022 (МИА) - Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД вечерва во Тетово  организираше прослава по повод одбележувањето на 30 години партнерство со Северна Македонија.   Програмата односно патувачкиот карван „Инспирирај се за иднината”, се состоеше од активности предводени од млади луѓе, ученици, наставници, уметници, претприемачи и други професионалци кои се вклучени во различни програми на УСАИД за да се покажат резултатите од долгогодишната работа во партнерство со Северна Македонија. Целта на овој караван е да ги мотивира и да ги поттикне младите да се вклучат и активно да учествуваат во заедничко градење на одржлива иднина. - За овие 30 години УСАИД обезбеди 840 милиони долари за развојни програми. Овие средства се искористија за унапредување на децентрализацијата, промовирање судски реформи, транспарентно владеење и иницирање на владини е-решенија, подобрување на компететивноста, зголемување на бројот на работни места. Промовиравме и енергетската ефикасност и помогнавме да се креираат политики за усогласување со регулативите на ЕУ. Воедно, го зајакнавме образовниот систем, и тоа почнувајќи од основното училиште, па сè до универзитетското образование, рече Ерик Мејер, вршител на должност амбасадор на САД. Димче Дамјановски, експерт за земјоделство и рурален развој во повеќе УСАИД програми, посочи дека со помош на УСАИД е обезбедена поддршка со која традиционалното земјоделство се насочува кон новите технологии. - Во изминатите години со УСАИД обезбедивме поддршка да се отскокне од традиционалното земјоделско стопанство и да се обезбеди успех и приходи. Во оваа насока би потсетил на поговорката, дека во животот адвокат можеби ќе ни биде потребен неколку пати, но поради потребата од храната, земјоделецот е потребен на секој од нас најмалку три пати на ден. Земјоделството е иднината што може да обезбеди убав и пристоен живот. Да се следат новите технологии за подобро и полесно производство, порача Дамјановски. Се одржа и модна ревија „Рециклирана убавина“ под менторство на дизајнерката Ирина Тошева со учениците од Општинското средно стручно училиште „Ѓоце Стојчевски“ од Тетово. Дел од програмата беше и концерт со џез-бендот при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Како дел од одбележувањето на 30-годишнината, УСАИД во соработка со општините им овозможи на млади уметници заедно со учениците од средните училишта да креираат мурали на темата „Партнерство за подобра иднина“, кои ќе бидат нацртани на видливи места во градовите каде што ќе патува карванот. ас/сх/

Остани поврзан