• сабота, 23 ноември 2024

Во тек јавен повик за грантови за поддршка на социјални претпријатија

Во тек јавен повик за грантови за поддршка на социјални претпријатија
Скопје, 4 јули 2022 (МИА) - Здружението „Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој –ЦеПроСАРД“ денеска на социјалната платформа ЗООМ го презентираше јавниот повик за доделување на грантови за поддршка на развојот на нови и постојни социјални претпријатија како дел од проектот „Поддршка на социјалните претпријатија следејќи го принципот- Не оставај никој зад себе”. Главна цел на проектот е да овозможи поддршка за развој на новите и постојните социјални претпријатија, да ја зајакне нивната економска независност преку следење на принципот „Не оставај никој зад себе”. - Проектот ќе придонесе за поволни услови за работа на социјални претпријатија, преку поддршка за воспоставување нови и подобрување на оперативните капацитети на најмалку 6 социјални претпријатија, а истовремено ќе поддржи нови вработувања на најмалку 9 лица од ранливите групи - лица со попреченост, жени во ризик и долгорочно невработени, посочи проект асистенката Искра Кацарска. Главните ограничувања во земјата, како што рече, се недостатокот на знаење и свесност за социјалното претприемништво и недостатокот на соработка меѓу социјални претпријатија, јавните институции и приватниот бизнис. Вкупниот буџет на грантот е 139 илјади евра, а за секој одобрен грант буџетот може да се движи од 12.000 до 17.200 евра. Висината на финансиската поддршка за вработување на лица од ранливите категории изнесува 400 евра месечно во бруто износ, во траење од 10 месеци за 9 лица. - Целта на повикот е да поддржи ентитети кои делуваат на претприемачки начин, создават иновативни и неконвенционални решенија за тековните општествени предизвици, креираат вредност за општеството, за сите засегнати страни, подвлече менаџерот на проектот Александар Авросиевски. Како предност ќе се смета доколку се ангажирани лица од ранливите категории. Не може да аплицираат организации кои веќе се корисници на грант од Делегацијата на Европската Унија. Повикот е отворен од 24 јуни, а краен рок за аплицирање е 25 јули до 16 часот. Резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 10 август, а склучувањето на договорите ќе биде веднаш по објавувањето на резултатите. сх/бак/

Остани поврзан