• понеделник, 23 декември 2024

Во тек е јавната седница на Уставен по барањето на Апасиев за дискриминација по политичка припадност од страна на Џафери

Во тек е јавната седница на Уставен по барањето на Апасиев за дискриминација по политичка припадност од страна на Џафери

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Во Уставниот суд во тек е јавната расправа по барање за дискриминација по основ политичка припадност поднесено од Димитар Апасиев. На расправата се присутни подносителот на иницијативата, Димитар Апасиев и поранешниот претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Подносителот на барањето, Апасиев наведува дека е дискриминиран по основ на политичка припадност како пратеник, од страна на Талат Џафери кој тогаш ја извршувал функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Во Иницијативата се наведува дека претседателот на Собранието не постапил согласно Законот за референдум, за предлог-барањето на Апасиев одлучил сам, наместо да го предаде на Законодавно-правната комисија и до претседателот на матичното работно тело заради давање мислење за уредноста на иницијативата.

На расправата, Апасиев образложи кои одредби од Собранието се применуваат и кои биле применети, со што посочи дека се применети погрешни членови од Деловникот на Собранието.

-Во овој конкретен случај јас не постапувам во позиција на пратеник, јас постапувам како граѓанин. Спикерот во известувањето има мериторно оценување за кое нема никакви ингеренции дека прашањето не е соодветно, посочи Апасиев. Дополни дека смета оти тоа има политички мотив, како што рече, да не стигне до пленум поради тенденцијата на политичка мобилизација.

Поранешниот спикер, Талат Џафери, не се согласи со наведеното и посочи дека постапувал согласно Деловникот, при што потенцираше дека Апасиев задоцнил со исправката на барањето.

- Согласно Деловникот на Собранието еден од надлежностите на претседателот на собранието е да ја утврдува уредноста на поднесена иницијатива. Врз основа на ова соодветно му укажав на подносителот дека треба да се усогласи и да се прати во рок од 15 дена од барањето на Собранието, а не од приемот на известувањето, рече Џафери, дополнувајќи дека Апасиев задоцнил со одговорот.

Дополни дека не смета дека е политичка дискриминација, бидејќи, како што рече, Апасиев го поднел барањето во својство на граѓанин. Станува збор за Предлог-Барање за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум кој требало да овозможи понатамошно непречено собирање на уставно предвидените 150.000 граѓански потписи за распишување референдум со следното прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските Заклучоци бр. 08-3238/1 од 16 јули 2022 rодина? Барањето до претседателот на Собранието е поднесено на 7 октомври 2022 година, во својство на физичко лице – овластен предлагач.

Подносителот на барањето, Димитар Апасиев смета дека со тоа што претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски тела, ја злоупотребил својата службена положба и овластување и на тој начин го спречил подносителот да го оствари уставно заштитеното право на политичко дејстување.

При поднесувањето на барањето до Уставниот суд (23.12.2022) подносителот посочил дека е пратеник во Собранието од редот на опозицијата и претседател на опозициска парламентарна политичка партија „Левица” и дека бил оневозможен политички да дејствува од страна на претседател на Законодавниот дом, предложен од партијата на власт. Поради ова подносителот Апасиев поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на правото на политичко дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност. Исто така подносителот наведува дека со наведеното дејствие, претседателот на Собранието го повредува правото на забрана од дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност што е гарантирана со Уставот и со член 14 и член 1 од Протоколот бр. 12 од Европската конвенција за човекови права. На расправата во моментов се дискутира на прашања поставени од уставните судии. ар/нд/

Фото: МИА; Уставен суд

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан